„Доставена ни е фотографија од загрижени посетители на Карневалот и граѓани, на која се гледа како жив штрк се користи на фестивалот како маска, со цел да и се помогне на птицата.
Со цела должна почит кон фестивалот, кој ја негува традицијата и каде меѓу традиционалните маски од македонскиот фолклор во карневалската парада, преку сатира и креативност се вметнуваат и нови идеи за маски, фрапирани сме од леснотијата со која дозволувате животните да се користат за забавни цели како да се предмети.
Во отсуство на инвентивност и креативност, употребена е благородна дива птица како дел од маска при што птицата е оттргната од нејзината природна средина, затворена во мал кафез, непотребно изложена на страв и измачување. Во време кога дивиот свет ни се намалува рапидно пред очи, организаторот дозволува флагрантно кршење на законот за благосостојба на животните и уништување на дивиот свет, без трошка одговорност. Птицата е лишена од слобода, употребена небаре е ефтина играчка купена во продавница и втурната безмилосно во карневалскиот метеж.
Карневалот е членка на Европската федерација на карневалски градови, кои кога би ја виделе слкикава ќе бидат гневни. Во европските градови штрковите се позитивен симбол и носат радост меѓу граѓаните, а самите општини им помагаат со градење на гнезда и живеалишта.
Од Градоначалникот, општината и фестивалскиот одбор бараме најитно да ни го достават идентитетот на лицето кое го употребува штркот како маска и итно негово исклучување од конкуренција за најдобра маска и бараме докази и ветеринарна потврда дека птицата е добро, дека се опоравува од траумата и стресот и дека е пуштена на слобода. Во спротивно, организаторот ќе биде пријавен во Федерацијата како фестивал кој дозволува суровост и изживување спрема животните.
Воедно бараме од надлежните инспекторати при Агенција за храна и ветеринарство и ловниот инспекторат да реагираат во согласност со законската регулатива, а на организаторот му советуваме, во иднина при одредувањето на критериумите и условите за учество на Карневалот, да ја земе сериозно предвид и благосостојбата на животните“ се вели во соопштението на Анима Мунди.