Генералот Стојанче Ангелов на социјалните мрежи сподели фотографија како неговиот 10-годишен син испукал пет куршуми, како дел од спортското стрелаштво, со дозвола и поддршка од него како родител. Ваквиот потег на Ангелов наиде на осуда од првата детска амбасада „Меѓаши“, од каде прашуваат каква порака се испраќа со објавување на дете како пука или воопшто со оружје во рака.
Ангелов, исто така, преку видео на „Јутуб“ каналот „ГП“, кој е најчесто посетуван од најмладите, објави и понуда за бесплатно да обучува деца над 16 години за работа со оружје.
„Сакам да направам една специјална понуда заради тебе, луѓе кои што имаат 16 години, кога ќе заврши ова со короната, бесплатна обука со пиштол, само да си ги платат куршумите“, вели Ангелов на почетокот од видеото, чија содржина е објаснување како да се пука со пиштол.
Од „Меѓаши“ за потегот на Ангелов велат дека со споделувањето на фотографијата на која неговиот син држи оружје се придонесува кон величење на оружјето кај децата.
СИН НА ТАТОПет куршуми за сефте во спортско стрелаштво на нашиот 10 годишен син Марко.
Posted by Стојанче Ангелов on Понеделник, 04 мај 2020
„Разбираме дека одредени професии се нужно поврзани со оружје но тука треба да се промовира пред се одговорна (службена) употреба на оружје, или стрелаштвото кое како спорт има позитивни елементи но секогаш и постојано надополнета со грижа за последиците кои злоупотребата на оружје ги има. Како организација која се залага за градење мир и ненасилство сметаме дека објави кои можат да придонесат кон глорификација на оружје не би требале воопшто да се објавуваат а кога се работи за јавни личност од нив се очекува уште поголема одговорност бидејќи нивното влијание на општествено ниво е поголемо. Дополнително, јавните личности често се и рол модели за младите“, велат од „Меѓаши“.