Додека „во од се гаснат финансиски пожари“ во државниот ПИОМ, прогнозите велат дека состојбата ќе се влошува, од повеќе аспекти. Бројот на пензионери ќе се зголемува, ќе расте и сумата за исплата на пензии.
Во последниот објавен Стратешки план на ПИОМ 2024-2026 година се проценува дека и во следните години се очекува пораст на бројот на пензионери и раст на сумите за исплата на пензии, па така догодина сумата за исплата на пензии ќе се доближи до 1,5 милијарди евра, а веќе во 2026 година, ќе се надмине и оваа сума. Во 2026 година, според проценките наведени во овој документ, ќе се достигне бројката од 350.900 корисници на пензија.
Според податоците од Годишниот извештај за работата на ПИОМ два клучни параметри укажуваат на одржливост на фондот кој е на “стаклени нозе“.
Првиот е соодносот вработен-пенизонер. Во 2023 година на 1,7 вработени, имало еден пензионер и овој сооднос, со незначителни осцилации, се одржува со години.
“Во 2023 година на 1.000 вработени во државата имало 588 пензионери“ – се наведува во Годишниот извештај за работата на ПИОМ.
Вториот параметар е учеството на расходите на ПИОМ во БДП. Лани вкупните расходи на фондот надминале 11% од Бруто домашниот производ, а најголем дел од тие расходи се токму исплатите за пензија.
“Учеството на расходите за пензиско и инвалидско осигрување во 2023 година во однос на БДП изнесувале 11,1%. Учеството на расходите за пензии во 2023 година изнесувале 8,7% во однос на БДП“ – наведуваат од ПИОМ во извештајот.
За проблематичната финансиска состојба на државниот ПИОМ нотираше и државната ревизија. По последната ревизорска контрола во Министерството за труд и социјална политика, ревизорите укажаа на бројни слабости и недоследности во финасиското работење кои можат да бидата ризик за натамошно вошување на состојбата.
“Усогласувањето на пензиите во претстојниот период ќе предизвика зголемување на износот на средствата кој Фондот за ПИОМ ќе треба годишно да го исплати кон корисниците на пензиски примања“, се наведува во Ревизорскиот извештај.
За ова, од Министерството за социјална политика, демографија и млади наведуваат дека до Владата упатиле поставување на нов приоритет, а тоа е утврдување на долгорочна стратешка рамка и политики за демографска обнова со кои ќе се настојува да се задржи постојното ниво на население, значително да се зголеми неговиот потенцијал и да се обезбеди подобар квалитет на живот на младите. Притоа поставени биле следниве приоритетни цели: унапредување на системот и политиките на заштита на децата и семејството, предучилишното воспитание и образование, намалување на детската сиромаштија, обезбедување на загарантиран паричен надомест за социјално ранливи категории на семејства, подобрување на младинската инфраструктура, младинското организирање и учество на младите во креирањето на политиките.
„Поттикнување на наталитетот, намалување на надворешните нето-миграции и забавување на иселувањата на работоспособното младо население. Како и поддршка на активни политики за вработување, отворање на нови работни места, активација на потешко вработливите граѓани и корисници на гарантирана минимална помош. Исто така, не помалку важно е креирањето на политики за активирање на дијаспората и поттикнување на повратните миграции, преку механизми за нивна поддршка. Сето горенаведено е во насока на подобрување на демографската слика на државата, што истовремено е поврзано со зајакнување на економската состојба на граѓаните во државата односно заживување на економијата. Ако земеме предвид дека главното финансирање на Фондот за пензиско и за инвалидско осигурување се обезбедува преку придонесите од плата на осигурениците, а поставените приоритетни цели на Владата се насочени кон забрзување на економскиот раст и вработеноста, намалување на сивата економија, а со тоа и поголема наплата на средства во државниот буџет, оттука произлегува дека опфатено е и прашањето за стабилен пензиски фонд и она кое што во иднина ќе се работи, а тоа е унапредување на законското решение за пензиско и инвалидско осигурување“, одговараат од Министерството за социјална политика, демографија и млади на прашањата на А1он што се подготвува за финансиски да зајакне ПИОМ и како ќе се постапи во однос на забелешките од ревизорскиот извештај.
Владата најавува редовна исплата на пензии и нивно натамошно зголемување. Економистите долг период алармираат за финансиската (не)одржливост на државниот ПИОМ. Еден од кличните извори за финансирање на ПИОМ е наплата на продонеси од доход. Владеачката ВМРО- ДПМНЕ според изборната програма, не планира “даночни“ интревенции кои би значеле дополнителни буџетски приходи.
„Наплатата на придонесите на плати и извршувањето на расходите од страна на Фондот за ПИОМ се следи на редовна основа и во случај на потреба соодветно се реагира. Очекувањата се дека во наредниот период со растот на платите и бројот на вработените ќе се зголемат изворните приходи на Фондот и тоа ќе влијае на стабилизирање на состојбата“, наведуваат од Министерството за финансии за А1он, на прашање како се оценува стабилноста на Фондот и дали се очекува да се зголеми износот што ПИОМ го наплаќа по основ на придонеси.
Од сепетември годинава, пензиите треба да се зголемат за 2.500 денари, линерно. Ова беше и едно од ветувањата на новата Влада, а моделот на линеарно зголемување се правдаше со фаворизирање на солидарноста, односно пензионерите со пониски пензии да почуствуваат реално зголемување на пензиите што треба да влијае врз подобрување на стандардот на оваа категорија на граѓани која како една од најмногубројните се таргетирани во изборните програми на партиите.
Со овој текст, А1он.мк се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.