Чаир, Центар, Сарај, Струмица и Тетово се петте општини каде што Стево Пендаровски, кандидатот за претседател на СДСМ и коалицијата има најголемо водство во однос на Гордана Сиљановска-Давкова, кадидатката на ВМРО – ДПМНЕ со која ќе оди во вториот круг на претседателските избори.
„А1он“ направи анализа на гласовите од првиот круг на претседателските избори според податоците кои ги објави Државната изборна комисија од обработени 98,8 отсто од избирачките места. Пендаровски води пред Сиљановска-Давкова со 4.606 гласови, односно за него има вкупно 323.846 гласови, Сиљановска – Давкова има 319.240 гласови, а Блерим Река кандидатот за претседател на Алијанса за Албанците и Беса, има 79.915 гласови.
Најголема разлика во гласовите во корист на Пендаровски, во споредба со гласовите за Сиљановска-Давкова има во Чаир. Таму Пендаровски освоил 5.246 гласови повеќе од Сиљановска – Давкова. Во Центар освоил 4.311 гласови повеќе од Сиљановска – Давкова, во Сарај има 3.369 гласови повеќе, во Струмица води за 3.298 гласови, а во Тетово има предност од 2.894 гласови. Следуваат Карпош, Гостивар, Дебар, Струга, Липково, Врапчиште, Студеничани, Боговиње, Куманово, Теарце, Арачиново…
Пендаровси победи во вкупно 32 општини. На листата се главно општини во кои доминира албанско население. Најмалку гласови Пендаровски освоил во Зрновци, една од петте општини во кои СДСМ изгуби на локалните избори во 2017 година. За него таму гласале 376 граѓани, а Сиљановска – Давкова добила 687 гласови.
Најмногу гласови и Пендаровски и Сиљановска-Давкова добиле во Битола. За Пендаровски гласале 17.776, а Сиљановска – Давкова добила 216 гласови повеќе, односно за неа гласале 17.992 граѓани. Сиљановска-Давкова води пред Пендаровски во вкупно 48 општини. Меѓу нив , покрај Зрновци, Илинден, Кавадарци, Петровец и Сопиште каде што на локалните избори во 2017 година победи ВМРО – ДПМНЕ, се и 43 општини кои добија градоначалници од СДСМ.
Најголемата разлика во гласовите меѓу двајцата кандидати кои одат во вториот круг е во корист на Сиљановска – Давкова. Во скопската општина Гази Баба, каде што градоначалникот е од СДСМ , а мнозинство во Советот е ВМРО – ДПМНЕ Сиљановска-Давкова освоила 6.446 гласови повеќе од Пендаровски. Во Кисела Вода има 4390 гласови повеќе од кандидатот на СДСМ, во Аеродром 2.443 гласови повеќе, во Велес 2.364 гласови повеќе, во Илинден 2.819 гласови повеќе, а следуваат Ѓорче Петров, Штип, Кавадарци, Бутел, Виница, Кочани, Кратово, Пробиштип…
Сиљановска-Давкова најмалку гласови освоила во Липково – 9 гласа. Во Липково за Пендаровски гласале 1.669 граѓани, а Река добил 2.916 гласа. Најмал број освоени гласови на овие избори се осумте гласа за Река во Ранковце. Во оваа општина Сиљановска-Давкова освоила 955 гласови, а Пендаровски 863. Река најмногу гласови освоил во Тетово – 10.429. Во Тетово за Сиљановска-Давкова гласале 5.309 граѓани, а за Пендаровски добил 8.203 гласа.
Во продолжение следуваат резултатите што по општини ги освоија тројцата претседателски кандидати во првиот круг од изборите.
Маја Илиевска Пачемска и Мери Јордановска