АНАЛИЗА: 2015 – година на (не)успеси!

Од:

Домашните статистики мереа напредок,  дел од странските анализи и во годината што измина не вброија во групата на „најмизерни“ економии.

Податоците упатуваат на тоа дека 2015 ќе заврши со раст од околу 3 отсто, но стандардот на просечниот граѓанин и натаму ќе остане на дното во однос на европскиот просек.

Економијата според оценките на дел од аналитичарите за неделната економска анализа на Порталб, покажа жилавост пред длабоката политичка криза но и безбедносниот конфликт во Куманово кој можеше да прерасне во закана по стабилноста. Во годината што измина се постави и прашањето “Дали трошевме за чоколада а немавме за леб“.  Како бизнисот и граѓаните ја истуркаа 2015 година?

За богатите успешна, за сиромашните загубена…

„Цело време слушам дека економијата била добра, дека има нови вработувања,  странски инвестиции, но според мене во годината што измина не можам да кажам дека ми се подобри квалитетот на животот. Еве, велат дека и цените не се зголемувале а платите растеле. Како тогаш се потешко го туркаме месецот. Сите пари завршуваат за сметки и за храна“, вели скопјанката за Порталб В.Х, сопруга и мајка на две деца.

Во нејзиното семејство, вкупните примања изнесуваат околу петстотини евра, односно живеат од две плати, кои се далеку од републичкиот просек што го мери Заводот за статистика.

Ова скопско семејство е дел од останатите стотици илајди домаќинства кои едвај можат да го преживеат месецот. Имено, според последните податоци за сиромаштијата во Македонија, се зголемува бројот на четиричлени семејства кои живеат под прагот на сиромаштија и тој достигна 151 043.  Анализата на податоците што ја направи „Порталб“ покажува дека само за три години бројот на сиромашни домаќинства се зголемил за нови 10 000. Еве како се движеше трендот на осиромашување на семејствата:

2012  година      141 120 домаќинства

2013 година       147 578 домаќинства

2014 година       151 043 домаќинства

На ниво на целата држава сиромаштијата е намалена на 22,1 отсто, но и натаму во големата слика, секој четврти граѓанин не може да ги задоволи основните животни потреби.

Додека битката за егзистениција ќе биде предизвик  и во 2016 година, од друга страна, податоците на државната статистика навестуваат оптимизам за економскиот раст во годината што измина. Имено, според економистите, растот ќе се сведе на 3 отсто, но останува дилемата дали тој е потпрен на одржливи политики или на акутни решенија кои имаат висока цена.

„Доколку податоците од Министерство за финансии се точни, тогаш домашната економија е на добар пат да постигне годишен економски раст од над 3 %. Добрата страна е што индустриското производство во периодот  2015/2014 бележи  раст од 8,6 %, но лошо е што таквиот раст е цикличен а не оддржлив (по месеци) и по сектори. Сметам дека економскиот раст е поттикнат од зголемената потрошувачка, посебно на јавната потрошувачка. Со оглед на структурата на јавната потрошувачка, сметам дека, ефектите врз економскиот раст се еднократни и не се во функција на обезбедување на оддржлив раст и развој“, вели за Порталб универзитетскиот професор Сами Бислими.

Како фактор што ја поттикна зголемената јавна потрошувачка беше и  растот на пензиите, потег кој Владата го направи во септември. Пензионерите го поздравија зголемувањето но економистите прашаа со кои пари се реализира ова ветување.

„Мојот став е дека наводното зголемување на пензиите е всушност враќање на она што се крати од јануари досега.Но владата е навлезена во изборна кампања и со помош на (про)владините медиуми сето ова го прикажува како голем успех. Во оваа држава веќе никој од надлежните не води грижа за иднината на финансиската сотојба во ПИОМ. Тоа се гледа со ветувањата кон одредени групи на граѓани како што се земјоделците или оние на кои им недостасува стаж да им се овозможи докуп. Никој нема против на граѓаните да им се овозможат остварување на некои права но мора да се каже од каде ќе се обезбедат финансиски средства. Ова се само политички ветувања и одлуки за кои не е направена соодветна анализа за финансиските импликации. Сето ова ќе придонесе за зголемување на дефицитот не само во ПИОМ туку и во државниот буџет“, вели аналитичарот Слободан Најдовски посочувајќи на  податоците кои покажуваат дека зависноста на пензискиот фонд од централниот Буџет од година во година расте. Така, за неполни десет години, дотациите од Буџетот на сметка на фондот од 20% се зголемиле на 41%.

Но, во годината кој измина во знакот на длабоката политичка криза, Владата не штедеше на ветувања за нови прокети. Студентите добија бесплатен превоз, се најавуваа нови барок-згради, вработувања во администрација, поволности за фирмите. Додека од една страна се промовираа  проекти, од друга страна Владата посегна по ново задолжување од странство во вредност од 270 милиони евра.

„Домашната економија ќе има потреба од продолжување на трендот на задолжувања поради неколку причини. Екномијата со постоечкиот фискален капацитетет не е во состојба да ги покрие проектираните буџетски трошоци и да обзбеди редовно враќање  на доспеаните обвски, а секое намалување на јавната потрошувачка ќе доведе до намалување на агрегатната побарувачка, што би значело влагување во зона на рецесија. Ние не инвестиравме доволно во зголемување, односно проширување на производниот капацитет на домашната економија, за да очекуваме повратни ефекти,  доволни за покривање на дополнителните јавни трошења и сервисирање на доспеаните обврски“, вели за Порталб професорот Бислими.

Со овие стапки на сиромаштија од една страна, и со трендот на раст на економијата од друга страна, Македонија и натаму останува во групата на најсиромашни економии чии граѓани имаат само 36% од европскиот стандард.

Анализа на Порталб

Би можело да ве интересира

Левица: Додека функционерите уживаат во луксуз, секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија

Секое трето дете во земјава живее во сиромаштија

Катерина Ѓуровски

Во медиумите во Македонија работат 2.100 луѓе, 20% од редовно вработените се во онлајн медиуми

A1on

Отец Оливер Петровски: Околу 700 000 луѓе имаат само еден оброк во текот на денот, половина се деца

А1он

Демократско движење: Додека Владата експериментира, сиромаштијата само расте

Горан Наумовски

Државата да ја регулира заштитата на националната критична инфраструктура и да ја унапреди заштитата на јавните места пред да доживееме трагичен напад

A1on