Алиу: Се воведува дигитално водење на медицинската документација

Од:

Медицинската документација, упатите, рецептите, извештаите и регистрите ќе се водат дигитално, а хартиената документација ќе се користи само во исклучителни ситуации, како привремено решение при прекин на системот. Ова се предвидува со измените и дополнувањата на Законот за евиденциите од областа на здравството, кои денеска на прес-конференција ги соопшти министерот за здравство Азир Алиу, а со кои се прави значаен чекор кон целосна дигитализација на здравствениот систем.

Тој рече дека една од клучните новини е регулирање на Електронското здравствено досие за секој пациент, кое ќе претставува централен извор на сите здравствени податоци – од прегледи и резултати до упати, рецепти и телемедицински услуги.

Со новите законски решенија, посочи министерот, значително се подобрува и пристапот на граѓаните до сопственото здравствено досие, преку електронски портал или мобилна апликација, со јасно утврдени правила за пристап кај малолетни лица и можност за овластување друго лице.

– Нашата цел е здравствените податоци да се водат модерно, безбедно и поврзано, со што ќе се подобри и квалитетот на здравствените услуги за пациентите. Со ова законско решение, кое деновиве ќе биде поставено на ЕНЕР, се надминуваат досегашните ограничувања во системот на здравствени евиденции и се овозможува нивно целосно електронско водење преку Националниот систем за електронски евиденции во здравството „Мој Термин“, појасни Алиу.

Законот, потенцира Алиу, предвидува и техничка и семантичка интероперабилност на сите здравствени информатички системи, што значи дека сите јавни и приватни здравствени установи ќе мора да користат системи усогласени со Националниот систем, преку воведување сертифицирање на информатичките системи и задолжително евидентирање на секој пристап до здравствените податоци, со цел зголемување на безбедноста и транспарентноста.

– Дополнително, за првпат се регулира интеграцијата на телемедицината и мобилното здравство (mHealth) во националниот здравствен систем, при што телемедицинските услуги добиваат еднаква правна важност како и физичките прегледи. Предлог-законот предвидува и можност за секундарна употреба на анонимизирани здравствени податоци, исклучиво за цели од јавен интерес, научни истражувања, статистика, образование и развој на здравствени политики, при што е строго забранета секоја употреба што би можела да доведе до дискриминација, профилирање или економска штета за поединец, истакна Алиу.

Со измените, како што рече, се предвидува и централизација и интеграција на здравствените регистри во рамки на Националниот систем, како и зајакнување на безбедносните стандарди, со обврска за здравствените установи да воспостават системи за управување со информациска безбедност и да пријавуваат евентуални безбедносни инциденти.

-Предложените законски измени се делумно усогласени со најновите европски регулативи во областа на дигиталното здравство, вклучително и Регулативата за Европскиот простор за здравствени податоци. Со овој закон се поставуваат темелите за модерен, сигурен и интероперабилен систем за управување со здравствените податоци, кој ќе придонесе за подобар квалитет на здравствените услуги, поефикасно функционирање на здравствениот систем и поголема достапност на услугите за граѓаните, следејќи ги трендовите во оваа област, посочи Алиу.

Тој додаде дека во финална фаза измените на 12 закони од областа на здравството, и како што се финализираат ги објавуваат и на ЕНЕР, каде веќе се поставени законите за здравствена заштита, за заштита од пушењето, за здравствено осигурување, а за Законот за заштита на населението од заразни болести се предвидени новини во рамки на заложбите за дигитализација.

Би можело да ве интересира

Алиу: Продолжува контролата – уште три лиценци за марихуана ќе бидат одземени

Алиу: Одземени се лиценците на шест компании кои одгледуваа марихуана за медицински цели

Горан Наумовски

Лекарите од дефицитарни специјалности ќе може да работат до 70 години

Алиу: Ќе бидат обезбедени лекови за пациентите со ретки болести, ќе има тригодишна набавка

А1он

Министерство за здравство: Законот за заштита од пушење не се одложува

Алиу: Нови опции за паркинг на Клинички, бесплатно за онколошки пациенти