Претседателот на Комисијата за хартии од вредност на Македонија, Нора Алити денеска беше домаќин на нејзиниот колега, Извршниот директор на Агенцијата за регулирање на финансискиот пазар во Република Албанија, Ервин Кочи.
Двајцата претседатели на средбата направија краток опис на пазарите над кои вршат надзор, при што беше потенцирано значењето на пазарот на капитал во вкупната економија на земјата. На оваа работна средба беа утврдени заедничките приоритети и можностите за поблиски билатерални односи, кои треба да придонесат за инклузивен и одржлив развој на пазарите на капитал во двете земји.
Посебен акцент беше ставен на активностите што двата регулатора ги преземаат за перманентно усогласување и примена на домашното законодавство со европските директиви, а со цел пазарите на капитал да бидат конкурентни со финансиските пазари на земјите во регионот, како резултат на изедначени услови и правила за инвеститорите.
Беа разменети искуства и за супервизорската функција и надзорните овластувања , а во тој контекст и за супервизијата базирана на ризик (risk-based approach). Алити и Кочи дискутираа и за проектите кои досега ги реализирале или се во тек, а сe за зајакнување на интегритетот на пазарот, за можностите за нови финансиски инструменти, за унапредување на институционалните перформанси, како што се инвестициите во ИТ и дигиталната инфраструктура, развој на оперативно – стручниот капацитет на институциите, како и за алтернативите за заедничко промовирање на пазарите на капитал и за финансиска писменост.
Првите луѓе на КХВ и FSA сметаат дека преку меѓусебна размена на информации, а по потреба и експертиза, како и со координиран и интегриран пристап заеднички можат да придонесуваат во борбата против перењето пари и финансирање на тероризам во регионот.
Претседателката на Комисијата за хартии од вредност, Алити и Извршниот Директор на FSA, Ервин Кочи, оваа посета ја оценија како многу важна, која ќе биде поттик да се продлабочи соработката и да се зајакнат односите меѓу двете институции.