Активистите се мобилизираат за војна против отворање на рудникот „Иловица-Штука“

Од:

Многуте протести, трибини, дебати и притисок на месното население од Струмичкиот Регион во близина на селата Иловица и Штука против отворањето на рудникот за бакар и злато и натаму не допираат до надлежните владини институции. Активистите не се откажуваат од нивната цел и порачуваат дека повеќе не му веруваат на ниеден политичар, а во битката за стопирање на рудникот ќе се мобилизираат и за војна ако е потребно. Според анализите на активистите, македонската влада, експресно по изборите, дала дозвола за трансакцијата со која се одобрува компанијата „Трафигура“ да добие 53 отсто од акциите на „Еуромакс“.

Со ова, вели Горѓи Танушев, се поставува прашањето зошто го направила тоа ако планира да ја одземе концесијата или обратно – зошто Владата дозволи купување знаејќи дека така им дава надеж дека ќе им дозволи да продолжат да работат?

„Сакаме да ве известиме дека вчера, официјално, ‘Еуромакс’ ѝ продаде контролен пакет-акции на ‘Трафигура’, а во исто време ЕБРД со соопштение објави дека го одложува рокот за побарување на долговите од ‘Еуромакс’ до февруари 2021 година и дека задржува 10 отсто од акциите на ‘Еуромакс’. Со ова, неофицијално, е решена дилемата за судбината на истечената концесија на ‘Еуромакс’ за рудикот ‘Иловица-Штука’. Имено, швајцарска ‘Трафигура’ нема да даде ни скршен цент за проект со истечена концесија, освен ако некој не даде гаранција дека законските пречки не се проблем. Вториот услов за ‘Трафигура’ да влезе во ‘Еуромакс’ беше да се продолжи рокот на достасување на долговите до февруари 2021. Во таа смисла грантот од 50 милиони евра за Македонија што беше објавен деновиве по состанокот со челните луѓе на ЕБРД во Сараево има сериозна логика. Ако вредноста на металите во ‘Иловица’ е проценета на 10 милијарди долари, тогаш 10 отсто е 1 милијарда. Проблем ли е да дадеш 50 милиони ако добиваш 1 милијарда. Неоспорно е дека станува збор за добра зделка, барем за ЕБРД, де“, објаснува Танушев.

Од овие бизнис-интереси Танушев смета дека македонската страна засега останува привремено мистериозна, но тие се потрудиле да намирисаат фирми во странство кои веќе имаат работено за „Еуромакс“, некои имаат договори за операции во идинина, а некои се во преговори за парче колач од зделката со рудникот „Иловица-Штука“. Во сите случаи, тврди тој, станува збор за познати луѓе, блиски на партиски функционери од повисок ранг од двете најголеми партии во Македонија.

„Очигледно се наместија коцките, го направија есапот и сега директно на пазар. Арно ама, есапот дома и на пазар не е обично ист. Дека сме на добар пат, имаме потврда од активностите на партиските старешини, кои почнаа да се распрашуваат за нашите членови, веројатно како увертира за евентуален отстрел. Затоа и уште сега, на двете партии, им најавуваме поголем предизборен огномет, зачинет со документи, од кој на југоистокот нема да закрепнат многу, многу време. Рачунајте на нас!“, дециден е Танушев.

Како последна шанса за да не ескалира револтот на населението и да дојде до мирна разрешница, активистите го повикуваат премиерот Зоран Заев.

На последните протести организирани во Босилово од Здружението на младите од Иловица и Штука пред неполни два месеца, тие порачаа дека ако треба, и со жив штит ќе ги бранат селата за рудникот да не биде отворен.

Според геолошките истражувања, во наоѓалиштето за бакар и злато ‘Иловица’ утврдени се 237 милиони тони ресурси и резерви од 225 милиони тони руда во кои, според процените, има речиси 70 тони злато и 410 илјади тони бакар. Површинскиот коп кај Иловица и Штука се предвидува да има експлоатација од 10 милиони тони руда годишно. Според количините руда што ги поседува, рудникот се предвидува да работи околу 23 години.

Од компанијата „Еуромакс“ одбиваат јавно соочување со претставници на еколошките здруженија, но тврдат дека рудникот ќе донесе економски бенефит за регионот и дека нема опасност од еколошка катастрофа иако треба да биде изградена најголемата хидројаловишна брана во светот.

Во согласност со плановите, рудникот за бакар и злато кај Иловица и Штука требаше да почне да работи во 2017 година. Вкупната инвестиција за развој и изградба на рудникот изнесува околу 500 милиони американски долари, а предвидено е да се вработат речиси 400 лица.

Ана Василевска

Би можело да ве интересира

Кој ќе ја плаќа отштетата за пропаднатите рударски инвестиции?

А1он

(ВИДЕО ) „Еуромакс ресоурцес“ со последна опомена до власта да го почитува законот, пред да почнат арбитража тешка милијарди евра

Орце Костов

Државата исправена пред економска логика – ќе го поддржат ли извозот на рударството за зголемен економски раст?

Орце Костов

Продолжува уривањето на рудникот во регионот Амур, 13 рудари се заробени

Несреќа во рудник за злато во Турција: Најмалку девет рудари се затрупани

Петровски: Отварањето на нови рудници треба да биде приоритет, а не табу тема!