Ако поранешниот премиер, бегалецoт Никола Груевски, судот не го осуди во случајот „Траекторија“ до крајот на октомври годинава, ќе му застари делото и за него ќе запре кривичниот прогон.
СЈО поднесе обвинителен предлог за Груевски според членот 359 став 2 од Кривичниот законик (примање награда за противзаконито влијание) за што е предвидена затворска казна од една до три години.
Груевски делото кое му се става на товар го почнал во октомври 2012 година, а завршило во октомври 2013 година, значи дека ако до овој октомври нема пресуда за него, тој ќе биде ослободен од гонење, а процесот ќе продолжи за другите обвинети во случајот.
Првото рочиште за случајот „Траекторија“ се одржа на 6 декември 2017 година. Претседател на судечкиот совет е судијата Горан Бошевски.
Во предметот на СЈО обвинети се и ексвицепремиерот Владимир Пешевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и ексдиректорот на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски за злоупотреба на службената положба и овластување.
Обвинетите под умисла на Груевски биле соизвршители во постапката за избор на компанија која ќе ги гради автопатните делници „Миладиновци – Штип“ и „Кичево – Охрид“ ги искористиле своите службени овластувања и за компанијата S.C.L. прибавиле имотна корист во износ од најмапку 155.117.256 евра, за кој износ му нанеле штета на буџетот на државата.
Ако Груевски не влезе во затвор за пресудата за „мерцедесот“ во предметот „Тенк“ на СЈО, во 2024 ќе му застари извршувањето на санкцијата, т.е. за таа пресуда нема да оди во затвор. Тој е обвинет и во предметите „Насилство“ и „ТНТ“ на СЈО, а Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го осомничи како организатор на настаните од 27 април 2017 година.