Министерството за образование пронајде начин како да формира паралелка на албански јазик со 17 ученици во едно велешките средни училишта, а после 40 дена од почетокот на учебната година Советот на општина Велес само му ја потврди одлуката иако претходно истите советници беа против отворање на такво одделение.
Советот на општина Велес претходно гласаше против предлогот на министерот Јетон Шаќири за давање согласност за формирање на албанска паралелка со помал број на ученици во гимназијата „Кочо Рацин“, затоа што требаше според предлог Решението иницирано од Шаќири да се примат учениците со помал број на освоени бодови од законскиот минимум од 60 поени и со тоа ќе се прекршеа конкурсните услови според кои беше извршен прием на останатите средношколци.
Истите советници синоќа на Советот на Општина Велес гласаа за предлог Решение за давање согласност за формирање паралелка на албански наставен јазик со 17 ученици во средното економско училиште „Јовче Тесличков“. Ова се истите ученици кои требаше да учат во втората албанска паралелка која Советот спречи да се формира во гимназијата, а сега ќе учат во средното економско училиште.
„До Општина Велес од страна на ОСУ „Јовче Тесличков“ Велес е доставено барање со бр.03-630/1 од 02.10.2023 година за добивање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици во учебната 2023/2024 година и тоа една паралелка со 17 ученици од образовен профил: економски техничар со четиригодишно времетраење на образование на албански наставен јазик.
Во прилог кон Барањето е доставено и Известување со бр.13-9840/2 од 15.09.2023 година од Министерство за образование и наука за добивање согласност за формирање на паралелка со помал број на ученици во учебната 2023/2024 година, една паралелка од образовен профил: економски техничар со четиригодишно времетраење на образование на албански наставен јазик на ОСУ Јовче Тесличков Велес. Со оглед на тоа што бројот на запишани ученици е помал од законски предвидениот минимум (помал од 25) за формирање на паралелки, се предлага донесување на ова Решение“, стоеше во предлогот за донесување Решение кој беше изгласан.
Против одлуката гласаа советниците на Левица кои рекоа дека ќе поднесат пријава до Државниот просветен инспекторат и до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
„Анахроните, лицемерни и вазални советници на наменската коалиција СДС, ДУИ И ДПМНЕ изгласаа во Советот на Општина Велес нова паралелка на албански јазик во средното економско училиште „Јовче Тесличков„ спротивно на законот и на условите на конкурсот со прием на ученици со безмалку двојно помал број бодови од законски предвидените 60 поени! Истатата ситуација со гимназијата Кочо Рацин на перфиден и подмолен начин се прелеа во средното економско. На 12-ти октомври се гласаше за 1-ви септември или 42 дена после почетокот на школската година започнува наставата во оваа паралелка“, напиша советникот на Левица, Игор Смилев.