Родители поттикнувајте ги вашите деца да читаат книги. Нека отвораат нови прозорци кон светот затоа што со секоја прочитана книга добиваат едно бесценето богатство. Ова е апелот што денеска го упати сопругата на претседaтелот на Република Македонија, Маја Иванова во рамки на акцијата „Македонија им чита на децата“.
Организатори на акцијата „Македонија им чита на децата“ се издавачката куќа „Култура“ и Амбасадата на Република Полска во Македонија.
Иванова и сопругата на полскиот амбасдор во Македонија Кинга Нетман Мултановска пред книжарницата „Култура“ се дружеа и им читаа на децата од основното училиште „Кочо Рацин“ од Скопје, од СОС Детско село и децата со посебни потреби од Здружението „Дајте ни крилја“.
– Многу ми е драго што наредните неколку недели познати и истакнати личности од областа на културата, уметноста, музиката и спортот ќе се дружат со децата и на некој начин ќе ја доближат магијата на книгата кон секое дете, рече Иванова. Изрази задоволство што денешниот настан се организира во пресрет на Меѓународниот ден на детето – 1 јуни.
Таа изрази надеж дека ваквите активности ќе продолжат и во иднина со цел книгата и убавиот пишан збор да се доближат до секое дете.
– Со секоја прочитана страница се отвора нов поглед кон светот. Се добиваат нови зборови, се учат многу работи, се развива детската фантазија. Децата на некој начин се соживуваат со ликовите од романите и книгите што ги читаат, додаде Иванова.
Потсети дека живееме во време кога владеат интернетот и компјутерите и додаде оти секое дете е пред компјутер.
– И од компјутер може секое дете да прочита книга или да го разбере сижето на некоја книга. Сметам дека мислите, убавите зборови од книгата, пејсажите што се опишуваат се доживуваат тогаш ако книгата се држи во раце, потенцира Иванова.
Кинга Нетман Мултановска истакна дека се привилегирани што госпоѓата Иванова се приклучува во оваа акција. Информира дека оваа акција во нивната држава почнала во 2001 година и оти е многу популарна, а постигнала и голем успех.
– Се надеваме дека со помош на госпоѓа Иванова ќе направиме Македонија повеќе да чита книги. Полските деца читаат многу. Осумдесет отсто од полските деца читаат книги секоја година, многу книги, не само една и не само книгите за на училиште, рече Нетман Мултановска и додаде дека Македонија има прекрасни автори и издавачки куќи.
Според неа, книгата е се, книгата е светот, а интернетот нема да ги замени.
– Многу е важно да се научат децата да читаат. Тогаш ќе имаме и возрасни кои купуваат книги и многу чиатаат, додаде таа.
Следните читања се во јуни со децата без родители и децата со посебни потреби се цел нивна поголема интеграција во општеството. Читањата ќе се одржуваат секоја среда во 18 часот и секоја сабота во 11 часот, пред книжарницата „Култура“ во Скопје.