Група млади луѓе, организирани од Движењето за едукација и унапредување на дијалогот ЛЕАД, ќе спроведе акција на чистење од отпадоци на Матка во Скопје, под мотото „В ЏЕБ, ако нема каде друго!“. Акцијата ќе се одржи денеска, а собирно место е во последна станица на автобусот 60, во 17 часот.
„Ги повикуваме граѓаните на Скопје да ни се приклучат на акцијата. Неколку формални и неформални групи, како и поединци, веќе најавија дека ќе бидат дел од акцијата.
Ова ќе биде втората од планираните седум акции за чистење на разни делови на Скопје и околината, во наредните седум месеци.
Ова е втор проект од втората фаза на Преоктот „В џеб, ако нема каде друго!“. Првата се реализираше на Водно во текот на минатата година.
Покрај расчистувањето на локациите, акцијата има за цел и да ја крене јавната свест кај граѓаните за зачувување на животната средина. За таа цел, групата активисти ќе носи маици со слоганот „В ЏЕБ, ако нема каде друго!“. Исто така, акцијата овозможува младите од различни етнички заедници да работат заедно и да се дружат“, велат од Движењето за едукација и унапредување на дијалогот ЛЕАД.
Проектот В ЏЕБ, ако нема каде друго! е поддржан од Програмата Цивика Мобилитас, која ја спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка и Шведскиот институт за јавна администрација СИПУ.