АХВ потсетува на „Петте клучеви до побезбедна храна“

Од:

Во услови кога поради воведените мерки од Владата за справување со вирусот Ковид-19, поголемиот дел од граѓаните се дома и подготвуваат храна во домашни услови, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) потсетува на „Петте клучеви до побезбедна храна“.

Од АХВ потсетуваат да се внимава на чистотата, односно да се мијат рацете пред земање храна и во текот на нејзината подготовка, да се мијат рацете после одење во тоалет, да се одржуваат чисти сите површини и опремата која се користиза подготовка на храната и да се заштити просторот на кујната и храната од инсекти, штетници и други животни.

– Повеќето од микроорганизмите не предизвикуваат болести , но опасните микроорганизми може да се најдат на различни места – во почвата, водата, на животните и луѓето. Тие се пренесуваат преку рацете, кујнските крпи и садови, особено преку даските за сечење и со најмал допир може да се пренесат на храната и да предизвикаат заболување кое се пренесува преку храна, укажува АХВ.

Оттаму посочуваат да се одвои сировото од зготвеното.

– Одвојте го сировото месо, месото од живина, риба и морските плодови од останатата храна. Садовите и приборот како што се ножевите и даските за сечење и обработка на суровата храна, не ги користете за термички обработената храна. Чувајте ја храната во одвоени садови за да се избегне контактот на суровата со обработената храна, порачуваат од Агенцијата, додавајќи оти сировата храна, посебно месото, месото од живина, рибата и морските плодови, може да содржат опасни микроорганизми кои со текот на подготовката и чувањето може да се пренесат на храната.

Од АХВ наведуваат и дека храната треба да се зготви темелно, и оти правилното готвење ги уништува речиси сите микроорганизми.

– Храната гответе ја темелно, особено месото, месото од живина, рибата и морските плодови. Супите и гулашите оставете ги да провријат за да бидете сигурни дека е постигната температура од 70 степени Целзиусови. При печење на месото и месото од живина, сокот не смее да биде розеникав, туку треба да е бистар. Се препорачува да се употребува термометар за мерење на температурата на месото. При подгрејување, храната темелно загрејте ја, додаваат од АХВ.

Оттаму порачуваат храната да се чува на пропишаната температура.

– Не оставајте ја зготвената храна на собна температура подолго од два часа. Целата зготвена и лесно расиплива храна во колку што е можно покус рок, оладете ја (на температура под пет степени Целзиусови). Пред послужување зготвената храна добро подгрејте ја (над 65 степени Целзиусови). Дури ни во ладилник не треба да ја чувате храната подолго време, велат од Агенцијата.

Тие информираат дека микроорганизмите може многу брзо да се размножуваат доколку храната се чува на собна температура.

– Со чување на храната на температура пониска од пет степени Целзиусови и обработка на повисока од 60 степени Целзиусови, размножувањето на микроорганизмите е значително забавено или целосно запрено. Сепак, некои микроорганизми се размножуваат дури и при температура под пет степени Целзиусови, се наведува во соопштението.

Од Агенцијата велат да се користи исправна вода и свежи намирници поради тоа што сировите намирници, вклучувајќи ги и водата и мразот, може да бидат контаминирани со опасни микроорганизми и хемикалии и оти отровни соединенија може да се создадат во оштетена и мувлосана храна. Додаваат дека со поголемо внимание при изборот на сировите прехранбени намирници, како и со едноставните мерки – миење и лупење, може значително да се намали потенцијалниот ризик.

– Користете само здравствено исправна вода. Изберете само свежи намирници и избегнувајте ги оние за кои се сомневате дека се здравствено неисправни. Изберете ја храната која претходно е термички обработена ако таа го намалува ризикот од труење, а не влијае значително на хранливите својства (пастеризирано млеко). Измијте го овошјето и зеленчукот пред консумирање во свежа состојба. Не употребувајте храна со поминат рок на траење, стои во соопштението.

Би можело да ве интересира

Уништени 50 килограми небезбедна храна во Крива Паланка

Регистриран нов случај на птичји грип кај угината гуска во скопско Злокуќани

Вонредни контроли на скопски „бувљак“, уништени околу 100 килограми небезбедни чипсови, чоколадни бонбони, наполитанки, конзерви,…

Во бомбици послужени во „Ѓорѓија Пулевски“ пронајдени бактерии

АХВ: Водата во Струмица не е за пиење, има манган и колиформни бактерии

Горан Наумовски

АХВ: Три ресторани и месарница во Кавадарци пласирале небезбедна храна

Горан Наумовски