АХВ: Одгледувачите на свињи да преземат мерки за заштита од африканска свинска чума

Од:

На сточарите кои одгледуваат свињи им се наложува да преземат безбедносни мерки на фармите за да се спречи  евентуална појава и ширење на болеста африканска свинска чума која е потврдена во Бугарија, но и во други земји во Европа, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

Станува збор за болест од која заболуваат домашните и дивите свињи, која не е опасна за човекот, а која во оваа сточарска гранка предизвикува големи економски загуби. Болеста се пренесува и шири со директен контакт од болно на здраво животно, индиректно се пренесува преку заразена храна и отпадоци од храна, опрема, возила и облека и биолошки преку вектор – мек крлеж од родот орнитходорос. Периодот на инкубација кај оваа болест е од 4 до 19 дена. Смртноста кај домашните свињи може да достигне до 100 проценти.

Со решението кое го донесе Агенцијата, на сточарите им се наложува задолжително затворање на животните во одгледувалиштата, водење евиденција за нивно движење, како и ограничување на движењето и контрола на пристапот на лица и/или возила на фармите.  Задолжително да се преземат мерки за чистење и дезинфекција на објектите, просториите опремата и возилата, воведување мерки за контрола на штетниците и векторите и имплементирање на биосигурносните мерки на фармите.

Облеката и обувките кои се користат во одгледувалиштата препорачливо е да бидат за еднократна употреба, и да се врши нивна промена при влегување во објектот. Оние кои се повеќекратна употреба треба редовно да се чистат и дезинфицираат. Задолжителна е дезинфекцијата при влез и излез во и од фармата или објектите во неа.
За простирка може да се користи само слама која претходно е отстоена 90 дена. Свињите не смее да се хранат со помии, односно овој вид кујнски отпад, задолжително треба нештетно да се уништи.

За секое движење, животните треба да се придружени со валиден сертификат за нивната здравствена состојба. Пред да се натоварат или истоварат животните, превозното средство треба да е соодветно исчистено и дезинфицирано, за што се издава потврда од страна на овластено ветеринарно друштво. Пред и за време на превозот, животните не треба да доаѓаат во контакт со приемчиви животни кои немаат познат здравствен статус. Секој сомнеж на болест или угинување кај приемчивите животни задолжително треба да се пријави до ветеринарните друштва или официјалните ветеринари.

– Свежото свинско месо, подготовките од месо и производите од месо, како и нус-производите не смее да доаѓаат во контакт со приемчивите животни. Лицата кои биле на лов и имале контакт со диви свињи не смеат да имаат контакт со домашни свињи најмалку 48 часа по ловот.
Добиточните пазари и собирните центри треба да спроведуваат засилена контрола на документите за движење на животните и да не дозволуваат влез на животни кои не ги исполнуваат условите од решението. Доколку има такви животни тие треба да се стават во карантин и изолација, за што операторот со добиточните пазари или собирните центри треба, без одлагање, да го известат надлежниот официјален ветеринар. Строго е забрането продавање животни надвор од добиточните пазари, наведува Агенцијата за храна и ветеринарство.

Европската агенција за безбедност на храна ЕФСА неодамна подготви едукативен анимиран филм со практични совети за препознавање на симптомите на болеста африканска свинска чума и превентивните мерки кои треба да се преземат.

Би можело да ве интересира

Уништени 50 килограми небезбедна храна во Крива Паланка

Регистриран нов случај на птичји грип кај угината гуска во скопско Злокуќани

Вонредни контроли на скопски „бувљак“, уништени околу 100 килограми небезбедни чипсови, чоколадни бонбони, наполитанки, конзерви,…

Во бомбици послужени во „Ѓорѓија Пулевски“ пронајдени бактерии

АХВ: Водата во Струмица не е за пиење, има манган и колиформни бактерии

Горан Наумовски

АХВ: Три ресторани и месарница во Кавадарци пласирале небезбедна храна

Горан Наумовски