АХВ ја почна третата фаза од кампањата за одговорно чување миленици

Од:

„Биди неговиот херој” е мотото под кое денес Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) од основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци” ја почна третата фаза од регионалната кампања на Светската организација за здравствена заштита на животните (ОИЕ) за подигнување на јавната свест за одговорното сопствеништво, како еден од основите за контрола на бездомните кучиња.

Станува збор за кампања која заедно со Србија, Бугарија, Косово, Албанија и со Хрватска и Црна Гора, Република Македонија почна да ја реализира во мај 2016 година.

– И во рамки на оваа кампања, стручни тимови од АХВ ќе посетат неколку основни училишта и ќе одржат едукативни часови за дечињата од нижите одделенија за тоа како да се биде одговорен сопственик на домашно милениче, кои се правата и обврските на сопствениците на домашни миленици, како треба да се грижат за здравјето на животните,но, и за бездомните животни, водејќи сметка и за сопственото здравје, истакна по одржувањето на едукативниот настан директорот на Агенцијата, Зоран Атанасов.

На третоодделенците од „Песталоци“ поделен им беше промотивен материјал: боенки и брошури за одговорно сопствеништво. На едукативните работилници, претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство на децата им објаснија како да бидат одговорни сопственици на домашни миленици, како да направат проценка дали се во можност да чуваат куче, како да се грижат за него.

На часовите беше присутен и миленик – куче, а обучен дресер на децата им објасни како да им пријдат на животните, да ги хранат, на што да внимаваат кога се во нивно присуство.

– Како одговорна институција, не само за безбедноста на храната, туку и за здравствената заштита и благосостојбата на животните, активно работиме на развој на првата Стратегија за благосостојба на животните во која детално ќе се разработат приоритетите во однос на заштита и благосостојба на животните за наредните четири до пет години, додаде Атанасов.

Во Стратегијата, рече, акцент ќе се стави на системот за заштита и благосостојба на животните за време на превоз, контрола на бездомни кучиња, заштита на кокошките несилки, на животните за време на колење, како и на развој на кампања за подигнување на јавната свест за принципите на благосостојбата на животните, со акцент на одговорноста на сопствениците на животните.

АХВ го разви модулот за домашни миленици во рамки на Ветеринарниот информативен систем. Досега во него се евидентирани околу 1.400 кучиња. Директорот Атанасов апелира сопствениците на кучиња да ги вакцинираат и да ги микрочипираат своите миленици за да го заштитат нивното и здравјето на животните кои ги одгледуваат.

Би можело да ве интересира

АХВ: Се повлекува чоколадото „милка орео“, во него е пронајдена пластика

Орце Костов

АХВ: На фејсбук страницата „Zeolit MK“ нелегално се продава „Zeo Medic“, производот не е одобрен и нема гаранција дека е безбеден

Повлечен од продажба небезбеден чипс од Косово

АХВ: Засилени контроли на рокот на производите во новогодишните пакетчиња

Орце Костов

Салмонела нема ниту во храната, изворот на заразата во училиштата во Карпош дополнително ќе се утврдува

По случаите со салмонела во училиштата во Карпош, ќе се спроведат инспекциски контроли

Орце Костов