Демократската унија за интеграција синоќа на собир во Гостивар упати повик до граѓаните да излезат и да гласаат на 30 септември за Македонија да стане 30-та земја членка на НАТО.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети истакна дека Договорот од Преспа е клучот, кој ги отвори вратите на земјата за членство во НАТО и Европската Унија.
– Со Договорот од Преспа победници се граѓаните на Република Македонија, а губитници нема. Да го засилиш мирот, не си губитник, да зајакнеш и да имаш безбедност за својата земја, не си губитник туку победник. Пресметајте сега колку би добила нашата земја во ЕУ. Сега веќе се знае дека преговорите ќе почнат во јуни, следната година, додека нашата делегација се наоѓа во Брисел каде се одредува рамката на преговорите, рече Ахмети.
Пред присутните граѓани на собирот се обратија и потпретседателот и поранешен градоначалник на општина Гостивар, Невзат Бејта, претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џефери, како и шефот на Централниот штаб на ДУИ за референдумот Атила Реџепи, кои истакнаа дека 30 септември е историски датум за нашата земја и треба да се гласа ЗА Македонија во НАТО.
Претходно, ДУИ одржа собир со граѓаните во Општина Врапчиште и од сопартијците и симпатизерите беше побарано на 30 септември да гласаат „за Македонија во НАТО“, бидејќи, бешпе истакнато, станува збор за заедничка иднина на граѓаните на ова земја.
Ахмети рече дека треба да се обединат сите политички фактори и оние од власта и опозицијата, бидејќи како што истакна, ова е заеднички проект за членство во НАТО и Европска Унија.
– Откако ќе се објави овој договор во Службен весник почнува неговата ратификација во грчкиот Парламент и почнува ратификацијата на барањето за членство на Македонија во НАТО. Во јуни, следната година започнуваат и преговорите за членство во ЕУ, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Од Централниот штаб на ДУИ најавија дека завршниот собир ќе се одржи вечер во Тетово, со почеток во 19:00 часот.