Независно од кредибилитетот на Институцијата или поединецот што конкурирал за средства во Министерството за култура, ако тој не доставил соодветна документација, нормално е Комисијата да одлучи негативно, вели министерот за култура, Асаф Адеми. Вака тој ги коментира скандалозните реакции на оние што негодуваат по резултатите објавени од поддршката на конкурост на Министерството за култура. Тој тврди дека Комисиите најодговорно ја завршиле својата работа, но исто така дека сите оние што се жалаат на одлуките ќе имаат можност нивните документи да бидат уште еднаш транспарентно разгледани пред целата јавност.
„Оние кои гласно ги коментираат одлуките за поддршка на проектите, и сметаат дека тие се неправедни ќе имаат можност нивните пријави да бидат разгледани уште еднаш. Не станува збор за никакво фаворизираше или пак отстранување, одлуките се донесени по пат на бодување и исполнување на критериумите“,вели Адеми.
За реномираните фестивали што не добија поддршка како Џез фестивалот и „Офф фест“, Адеми вели дека не ги исполниле административните критериуми.
„Ова се фестивали со многугодишно реноме, и самиот сакам да ги посетувам,но навистина не знам зошто за нивните организатори не би важеле истите административни критериуми како за другите. Останувам на ставот да се залагам за култура за секого и за сите и тоа подразбира дека секој има еднаква можност да конкурира и да ја добие поддршката согласно со бодувањето“, вели адеми.
Адеми моментно престојува во Берлин каде што денеска се сретна со Харалд Тлетенбраин и Лусиа Рикалдо од европската канцеларија на Креативна Европа МЕДИА а ќе ја проследи и премиерата на македонскиот филм „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска што ќе се одржи утревечер во рамките на официјалната програма на овогодинешното издание на Берлинскиот филмски фестивал.
Берлин, Ана Василевска