Адеми: Продолжува проектот за поддршка на лицата со оштетен вид

Од:

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, заедно со амбасадорот на САД, Џес Бејли, и министрите за здравство и за труд и социјална политика, Венко Филипче и Мила Царовска, денеска се обратија на тркалезна маса посветена на иницијативите на институциите на системот за преземање и продолжување на имплементацијата на проектот за поддршка на слепите лица во Република Северна Македонија.

Во делот на образовната компонента, истакна министерот Адеми, основани се пет ресурсни центри во Скопје, Тетово, Штип, Битола и во Велес, каде што децата со оштетен вид посетуваат дополнителна настава и се едуцираат преку материјали, односно учебници напишани на Брајово писмо.

„Во овие центри реализирани се и обуки на повеќе од 200 наставници, едукатори за работа со овие деца. Исто така, од страна на Црвениот крст е основан и Центар за лица со оштетен вид, каде што се реализираат сертифицирани курсеви за ИТ-вештини, за англиски јазик, работилници за вештини за ориентација и мобилност, за социјализација“, изјави Адеми напоменувајќи дека новата Стратегија за образование 2018 – 2025 предвидува значително подобрување на квалитетот на образованието на лицата со извесни посебни образовни потреби.

Во таа насока, додаде тој, целиме училиштата да прераснат во целосна инклузивна средина за сите ученици независно од физичките и психичките специфичности, што подразбира подобрување на инфраструктурните услови во училиштата во насока да се овозможи прифаќање и непречено движење на овие ученици во внатрешноста на објектите, обуки за наставниот и стручниот кадар, набавка на асистивна технологија, формирање инклузивни тимови, изработка на индивидуални образовни планови и така натаму.

Според амбасадорот Бејли, овие партнерства се одличен пример за здружување за поголем импакт.

„Пред пет години УСАИД и Фондацијата „Лајонс клуб“ ги здружија силите за да им помогнат на локалните институции и заедници за да ги детектираат и превенираат очните аномалии кај децата и да ги зголемат образовните можности за лицата со пречки во видот. Ова партнерство се зголеми и вклучи многу други организации и поединци од што многу граѓани на Северна Македонија имаа дирекна корист. Земете ја, на пример, Барбара Василевска. На 7-годишна возраст на Барбара ѝ беше дијагностицирана атрофија на очниот нерв. Нејзините родители се обратија во новоформираниот ресурсен центар во Битола за помош. Центарот ѝ овозможи на Барбара специјална настава четири пати неделно со помош на специјален едукатор. За само неколку месеци, таа беше подготвена да се приклучи во основното училиште во Битола. Тоа е токму она што ние се надевавме да го постигнеме – вклучување деца и возрасни со оштетен вид во редовните активности и секојдневниот живот“, рече амбасадорот Бејли во своето обраќање.

Унапредувањето на правата и овозможувањето подобри услови за лицата со попреченост, како што потенцира министерката Царовска, останува приоритет на Министерството за труд и социјална политика.

„Со новиот закон за социјална заштита, кој е во собраниска процедура, се воведуваат две целосно нови услуги за лицата со попреченост – лична асистенција и домашна нега. Сите овие новини значително ќе ги зголемат правата на лицата со попречност, ќе се зголеми обемот на услуги до кои тие ќе имаат пристап и ќе се вложат зголемени финансиски средства во индивидуалните услуги, кои ќе овозможат независен и живот на лицата во своето место на живеење и нивно поголемо социјално вклучување“, додаде министерката за труд и социјална политика.

Министерот за здравство, Венко Филипче, истакна дека визуелниот систем е еден од најважните за правилен раст и развој на едно дете. Доколку, рече тој, се утврдат одредени недоследности, најдобри резултати има кога навреме се санираат.

„Скринингот на 30.000 деца веќе даде конкретни информации за состојбата со видот кај децата во нашата земја. Министерството за здравство до крајот на годината ќе воведе програма за ран скрининг на видот кај децата и ќе ги преземе сите мерки во рамките на организиран систем, кој ќе понуди здрава иднина за здрави деца“, потенцира министерот Филипче.

Би можело да ве интересира

МОН со препораки до образовните институции за коронавирусот

Ана Ололовска

Програма за техничка соработка со МААЕ за 2022-2023, пријавување предлог-проекти до 20 април

Ана Ололовска

Адеми: Доколку е потребно, можно е пролонгирање на наставата

Ана Ололовска

Отворено писмо на НАкС до премиерот: Веднаш да започне исплатата на минат труд од основниот буџет на МОН

Ана Ололовска

СОНК реагира на неисполнувањето на договорот за зголемување на платите во високото образование

Драган Поповски

Адеми ќе се информира за јавните тепачки на малолетници и за проблемот со слободните карти од ЈСП за студенти

Ана Ололовска