Адеми: Потребна е национална стратегија за соработка со дијаспората

Од:

Првпат во овие 25 години новата Влада на Република Македонија односите меѓу државата и нашите иселеници ги подигна на политичко ниво со именување министер задолжен за дијаспората, што досега тоа не било случај. Со тоа сакавме да покажеме како Влада дека важна ни е дијаспората односно нашите луѓе кои привремено се на работа и живеат надвор од Македонија.

Oва денеска го истакна министерот без ресор задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, кој говореше на панелот „Перспективи и потенцијали на миграциите во и вон Македонија“ во рамки на тематскиот форум „Предизвици, перспективи и потенцијали на миграциите“, што го организираше програмата за поддршка на граѓанското општество во Македонија „Цивика мобилитас“.

Посочи дека она што е битно сега е да работат на националната стратегија за односите и соработката со дијаспората која како таква ја нема моментално и ќе бидат вклучени сите аспекти поврзани со дијаспората.

– Во оваа прва фаза, во овие први 30 дена имав доста контакти со луѓе кои работат или живеат надвор, пред се млади луѓе кои отишле заради образование, работа и кои се спремни на директен или индиректен начин да и помогнат и на Владата и на државата во изградба на тие мостови за соработка и тоа е првиот чекор што го преземаме. Верувам дека ќе ја вратиме онаа доверба и на дијаспората визави институциите и обратно на државата врзано со дијаспората, рече Адеми.

Според него, она што е важно во овој период е кога ќе ја мапираат дијаспората да знаат точно колку луѓе има реално надвор од државата и не само бројка заради бројка, туку тоа мапирање треба да го направат во насока да знаат која е етничката, половата, професионалната припадност.

– Во оној момент кога државата ќе има потреба од поддршка или од луѓе кои работат во многу важни институции надвор од Македонија, во развиени земји, да може тие да бидат во служба на државата, независно дали тоа ќе биде враќање целосно, со тоа што ќе овозможи државата секако услови за враќање и нудење работа во институциите на системот кај што ќе бидат нивните знаења или искуство од корист, туку може да биде и во форма на комуникација и соработка со нив, рече Адеми.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека многу тешко се спречуваат миграциите, затоа што, како што појасни, ова е свет на глобализација сите се движат.

Претседателот на Младинскиот сојуз Крушево, Методија Стојчевски истакна дека работат на проблемот со младинските миграции во државата и надвор од државата.

Посочи дека според резултатите од нивното истражување, сите помали или средни средини во Македонија имаат проблем со младинското иселување. Ако во претходниот период, потенцира, најчесто младите луѓе мигрираа внатре во државата од помалите средини кон поголемите центри, најчесто во Скопје, сега тој тренд за иселување е од државата.

– Според нашето истражување, секој втор млад човек сака да ја напушти Република Македонија и тоа е најистакнато во југозападниот дел од Република Македонија, во Битола, Охрид, Прилеп, Кичево, Крушево. Претпоставуваме дека такви се податоците заради тоа што североисточниот дел на Македонија е веќе празен. Сите млади луѓе се имаат иселено од државата, рече Стојчевски.

Појасни дека истражувањето е спроведено на примерок од 1.100 испитаници на возраст од 16 до 30 години.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека меѓу причините за напуштање на државата се потрага по вработување и подобри животни услови. Најчесто причините за иселувањето, нагласи, се економски

– Доаѓам од Крушево каде што пред 10-ина години се соочивме со ваквите појави кои сега веќе ја потресуваат цела држава. Мислам дека тоа значително ќе се рефлектира на економијата и на целокупниот живот во Република Македонија, додаде Стојчевски.

Амбасадорката на Швајцарија во Македонија, Сибил Сутер Тејада рече дека кога се говори за миграцијата обично тоа прашање се поврзува со младите бидејќи тие најчесто ја напуштаат земјата.

– Се надевам дека оваа иницијатива ќе пренесе инспиративни пораки за сите оние кои се инволвирани, додаде Тејада.

На Форумот се обратија и претседателот на Лекарската комора на Македонија, Калина Гривчева – Старделова, претставникот на Форум за демократска Македонија, Емилија Тодорова и други.

По првиот панел се одржа работилница „Заедно за акција: Потенцијалите од миграцијата за Македонија“, на која учесниците говореа за заеднички идеи и акции.

Би можело да ве интересира

Мицкоски со дијаспората во Њујорк: Вие сте нашата жива и постојана врска со светот

A1on

Дијаспората ќе гласа само за претседател, нема доволно пријави за изборите на пратеници

Катерина Ѓуровски

Дијаспората незаинтересирана за гласање во Македонија: Досега пристигнати 209 пријави

Османи: Има паника кај граѓани во дијаспората дека после 12 февруари ќе ги загубат работните места и дозволите за престој

A1on

Успешните од дијаспората да напишат мотивациско писмо зошто сакаат брза лента на аеродромите – Османи повторно дели МКарта

A1on

Македонската дијаспора од ЕУ во 2021 година во Македонија испратила 325 милиони евра

Горан Наумовски