Во последните шест дена, од 20 до 25 април, пријавени се 95 нови случаи на заразени со сипаници. Во споредба со претходната недела, бројката на новозаразени е намалена, но епидемиолозите велат дека тоа не значи оти епидемијата стивнува. Претходната недела има 121 нов случај на заразени со сипаници.
„Информацијата е пократка за еден ден од вообичаениот период за кој правиме пресметка поради празникот. Може да се случи до утре да се пријават уште десет заболени и да имаме приближно иста бројка. Намалување не може да констатираме за недела или две. Потребно е да поминат барем од три до четири недели за да можеме да кажеме дали има надолна тенденција. Она што е добро е што бројот не расте. Ќе се одржува едно ниво, особено поради случаите што не се од Скопје. Исти мерки се преземаат во сите градови, но очекувано е бројот на заболени што не се од Скопје да се одржува подолго време оти се работи за повеќе градови и на повеќе места на кои треба да се интервенира“, изјави епидемиологот Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје, за „А1 он“.
Во неделниот извештај за состојбата со сипаниците во последната недела стои дека од вкупниот број нови заболени, 60 случаи се од Скопје, а другите 35 се од 8 други градови во С. Македонија – Струга (11), Гостивар (7), Куманово (6), Тетово (6), Охрид (2), Велес (1), Прилеп (1) и Валандово (1).
Во тек на оваа недела најголем број нслучаи (62) се на возраст над 20 години.
Според вакциналниот статус, 68 отсто, односно 71,6 отсто од регистрираните случаи се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.
Вкупно, од почетокот на епидемијата во декември 2018 регистрирани се 1.175 случаи на мали сипаници со стапка на заболување од 56,8 на 100.000 жители, што претставува највисок број регистрирани случаи во последните 10 години.
Поради исполнување на епидемиолошките критериуми, епидемија од мали сипаници е прогласена на целата територија на Републиката.
Според местото на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 21 град од Македонија, од нив 751 случај се од Скопје, Куманово – 109, Тетово – 99, Струга – 61, Кичево – 30, Гостивар – 27, Велес – 25, Гевгелија – 18, Дебар – 17, а во другите градови се регистрираат по помалку од 10 случаи.
Најголем број од случаите се од возрасната група над 30 години – 504. Пријавени се 200 деца на возраст под една година, а децата на возраст од 1 до 4 години се регистрираат со 202 случаја.
Според вакциналниот статус, 895 или 76,1 отсто од заболените лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од невакцинираните лица, 200 се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација во согласност со календарот за имунизација.
Од 202 заболени деца на возраст од 1 до 4 години, 88,1 отсто се невакцинирани или со непознат вакцинален статус, а од 674 заболени кај лицата над 20-годишна возраст, 65,4 отсто се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.
Од пријавените случаи, 480 или биле хоспитализирани, а кај 205 се регистрирани компликации. Од нив, најголем број компликации – 54 биле кај деца на возраст под една година, а во 43 случаи се кај деца на возраст од 1 до 4 години, што укажува дека оваа возрасна група е најзасегната и подложна на компликации, известуваат од Институтот.
Во Скопје од почетокот на епидемијата вакцинирани се 12.848 деца до 14-годишна возраст.
Во другиот дел од државата вакцинирани се 8.320 деца до 14-годишна возраст со прва или втора доза.
Вкупниот број вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП-вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 21.168.
Маја Илиевска-Пачемска