Основниот суд Скопје 1 Скопје го прогласи за виновен и му одреди затворска казна од шест месеци на Матија Каников, лицето кое ја нападна новинарската екипа на А1он на протестите „За заедничка Македонија“ на 28 февруари минатата година.
Судијката Марија Клетничка Марковска напомена дека при донесување на одлуката во обзир се земени сите олеснителни и отежителни околности.
Јавното обвинителство во текот на доказната постапка приложи над 1 час видео материјали и фотографии како докази за делото.
Оштетените претходно во постапката се изјаснија дека се приклучуваат кон материјално побарување.
Осудениот Каников има право на жалба до Апелациониот суд во рок од 15 дена.
На 28 февруари, 2017-та година, со тупаници по главата и по телото беа нападнати снимателот и новинарот на А1он од Матија Каников пред Собранието на Република Македонија кој присуствувал на протестот организиран од Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија.
И двајцата со возило на брза помош беа пренесени во ургентен центар.
Дел од демонстрантите ја искршија и камерата на А1он по што избегаа од местото.
Виктор Јованов