Министерството за финансии избра фирма која ќе обезбеди конуслтатaнтски услуги за воспоставување на слободна финансиска зона.
Фирмата „Lonestep GmbH“ од Швајцарија за 18.113.000 милиони денари или 295.000 евра ќе направи и анализа на атрактивноста на земјава за воспоставување на ваква зона.
Освен ова швајцарската фирма ќе треба да развие концепт за развој на слободната финансиска зона но и да направи анализа за регулативата која треба да се донесе од страна на државните институции за воспоставување на зоната.
Според податоците доставени до бирото за јавни набавки договорот е склучен на 13 ноември минатата година, а на тендерот имало две понуди. Главен критериум за добивање на тендерот била економски најповолна понуда или 60 бодови за цена, а 40 за квалитет.
Подетален опис на предметот на договорот за јавна набавка:
„Предметот на набавката опфаќа обезбедување консултантски услуги за воспоставување слободна финансиска зона на територијата на Република Македонија, анализа на атрактивноста на Република Македонија од гледна точка на воспоставувањето ваков центар од областа на финансиските услуги, трастови, преку развој на слободна финансиска зона, развој на концепт за функционирање на слободната финансиска зона, со согледување на регулативата која треба да се донесе од страна на државните институции во насока на воспоставување финансиска зона во Република Македонија“, стои на страната на бирото за јавни набавки.
Договорот со фирмата „Lonestep GmbH“ од Швајцарија е со времетраење од една година.
Дел од економските познавачи и аналитичари од земјава посочија дека слободните економски зони нема да донесат никаков бенефит за земјава.
Против воведувањето на слободни економски зони беше и Венецијанската комисија која посочи дека ќе се создаде паралелен систем кој ќе биде целосно исклучен од правниот поредок на државата. Венецијанската комисја нотираше дека владата не смее да носи уставни измени кога опозицијата го бојкотира собранието.
Екс гувернерот на Народна банка, Петар Гошев кога владата соопшти дека ќе се прават слободни финансиски зони, рече дека државата ќе нема никаков ќар.
Владата пак смета дека слободните финансиски зони ќе отворат нови работни места.