Националната СОС бесплатна мобилна линија за жртви на семејно насилство 141 700, како сервис за помош и поддршка на жените жртви на насилство, активно се вклучува во Кампањата на Обединетите Нации „16 дена активизам против родово базирано насилство“. Истата почнува на 25 ноември, а завршува на 10 декември.
Со цел зголемување на пристапот на услуги и информираност на жртвите, како и целокупната јавност за овој општествен проблем, Националниот совет за родова еднаквост активно ќе се вклучи и активира на социјалните мрежи (Facebook, twiter, instagram) со цел поголема информираност на сите за насилството, информирање на жртвите за видовите на насилство, како да излезат од сенката во која живеат, како да го пријават насилството.
За таа цел веќе една година функционира Фејсбук страната „Излези од сенката – DIL NGA HIJA“ и групата „Заедно можеме – Së bashku mundemi“. Преку страната и групата настојуваме да допреме до сите оние кои се активни на социјалните мрежи, заедно да помогнеме сите, да дадеме поддршка, да дадеме помош, советувања, да покренуваме иницијативи. Во групата имаме тим од психолог, доктор, социолог, правник… односно тим од стручни лица кои ќе даваат одговор на прашањата, кои ќе дадат насоки и помогнат да излезат од сенката и да го најдат вистинскиот излез.
Преку страната и групата се пристапува на начин на кој нема да се нарушува интегритетот и автономијата на лицето кое се обратило за помош. Сите активности се превземаат со одобрение на лицето на кое ќе биде загарантирана анонимноста и доверливоста во согласност со загарантираните човекови права.
Во рамките на националниот совет за родова рамноправност функционира и СОС линијата 141700 која овозможува поддршка на жртвите на насилство преку информирање, упатување и психолошко советување, ја запознава жртвата со нејзините права, можности и видови на поддршка, посредува помеѓу жртвата и полицијата, центрите за социјална работа и други расположливи ресурси за помош во општината во која живее.
Како функционира СОС линијата? Кога жртвата ќе се јави на бесплатниот анонимен број 141700 дежурниот оператор активно ја слуша жртвата на насилство, ја информира жртвата за нејзините/неговите права, нуди психо-емотивна поддршка и ја охрабрува во текот на разговорот. По потреба ја упатува на други организации . По желба на жртвата го пријавува случајот и контактира релевантни институции.