Над 15.000 матуранти од вкупно 16.500 во земјава веќе се пријавиле за полагање матура, извести Државниот испитен центар. Од Министерство за образование сметаат дека овој податок покажува дека има голем интерес кај матурантите за државната матура и нагласуваат дека овој испит е законска обврска, неопходна за пријавување на факултетите во земјава и во странство.
Министерството за образование апелира до матурантите и средношколците да продолжат со наставата по комбинираниот модел оти е во најдобар интерес за заштита на здравјето.
„МОН има законска обврска да ја организира матурата за учениците што планираат да го продолжат образованието, а е услов за запишување на факултетите во државата и во странство. Испитите ќе се одржат според концепцијата утврдена уште на почетокот на оваа учебна година. Mатурата, која е право на избор, на учениците кои избраа да полагаат и ги пријавија испитите ќе им биде овозможено да ја полагаат. Уште во текот на првото полугодие, целосно почитувајќи го демократското право на изразување на учениците, од страна на МОН беа прифатени сите забелешки за олеснување во делот на испитните матурски програми по сите предмети“, соопштија од Министерството за образование.
Министерството смета дека бројките ги демантираат лагите на опозицијата кои ја исполитизирале матурата иако, како што нагласуваат, законски е забрането политичко дејствување во училиштата.
„Партијата на Христијан Мицкоски ги користи малкутемина, незначителен број матуранти, кои наводно бојкотираат настава незадоволни од матурата, да ги критикува реформите во образованието и да и преставува на јавноста лажна слика дека учениците не сакаат да полагаат“, сметаат од МОН.
Од таму додаваат дека Државниот испитен центар, МОН и средношколците заедно ќе работат на целосно нова концепција за полагање државна матура која ќе се применува од идната учебна година, за што во тек е формирање на работна група во која ќе бидат вклучени и средношколците.