12 случаи на рак на дојка дијагностицирани во Здравствениот дом во Пехчево

Од:

На мамографот во Здравствениот дом во Пехчево годинава рак на дојка е дијагностициран кај 12 пациентки. Најмладата пациентка има 22 години, а највозрасната 60 години.

Според д-р Весна Илиевска од Здравствениот дом во Пехчево, бројот на пациентки со канцер на дојка е загрижувачки.

– Ова е евиденцијата само на мамографот во Пехчево. Верувам дека бројот на заболени од рак на дојка во регионот е поголем, бидејќи од причини што 6 месеци не беше во функција мамографот во Берово, многу од пациентките дијагностиката ја имаат направено во другите медицински центри. Инаку, според мене, загрижувачки е порастот на канцер на дојка во регионов, истакна д-р Илиевска.

Таа потенцираше дека навремената дијагностика на малигните промени спасува животи, а скринингот и редовните прегледи треба пациентките да ги сфатат како задолжителни.

– Затоа сакам да апелирам, посебно кај младите, кај девојчињата , па и на 15 години, задолжително да прават ехо на дојка, бидејќи и овде имаме патологија, како фиброаденоми, цисти, за жал не е исклучен и канцерот. Навременото дијагностицирање спасува животи, затоа и на овие скрининзи во кои се опфаќаат пациентки по возрасни групи, пациентките треба да ги сфатат како задолжителни, бдејќи преку скринингот, се им е закажано, тие треба само да дојдат. Имаме ситуација од 10 закажани прегледи преку скриниг да дојдат само 7, рече Илиевска.

Појасни дека во Малешевијата во последниве години за 4,5 пати е зголемен бројот на малигни заболувања, а најмладиот пацеиент имал само три години и кај него е дијагностициран канцер на бубрези.

– Ако една недела немаме канцер на дојка, ќе има канцер на бели дробови, на дебело црево. Сепак, кога ќе се каже дијагноза на канцер тоа не значи дека е се завршено. Напротив, ние како лекари треба да ги подготвиме пациентите и ако пациентот е свесен за својата дијагноза, ако е со позитивна енергија, може и успешно се лекува, рече д-р Илиевска.

Инаку, на крајниот исток, освен мамографот во Пехчево, деновиве почна повторно со работа и мамографот во Берово, а новиот мамограф во Македонска Каменица се очекува да почне со работа за две недели.

Би можело да ве интересира

Алиу: Продолжуваме со инвестиции во здравството – надградба на хибридната сала на Клиника за државна кардиохирургија, единствена од ваков тип во државата и регионот

Министерот Алиу апелира: Граѓаните да пријават евентуални неправилности во врска со кардиолошките интервенции

Министерство за здравство: Две комисии ја проверуваа Стоматолошката комора, одлуката е донесена врз база на факти

Зголемени температури во следните неколку дена – да се почитуваат општите препораки за заштита на здравјето

Медицинско лице фатено како прима поткуп, Министерството за здравство бара истрага и ги повикува граѓаните да пријавуваат вакви случаи

Владата одвои многу пари за модернизација на нашето здравство, вели министерот Азир Алиу