1 Мај помина со скари на балкон, виртуелен марш и владини мерки за намалување на отпуштање работници

Од:

Скара во двор и на балкони, месарите со полни раце работа, а граѓаните со маски на лицата се штитеа да не се заразат од коронавирусот, кој оваа година му даде посебен белег на вчерашниот празник, 1 Мај. Празникот на трудот кој покрај протестите за работничките права, бевме навикнати да го одбележуваме на излетнички места и со прошетки по паркови.

Полицискиот час кој почна во 14 часот, го диктираше темпото на денот кој наместо стандарната скара за ручек и прошетките во природа, беа поместени неколку часа порано. Оние кои имаа можност го искористија утрото за прошетка додека пак другите во дворовите ги распалија огновите, на кои печеа првомајската скара, а чад се гледаше и од по некоја тераса од зградите.

Празникот на трудот, односно на синдикалната борба за работничките права го одбележа и Сојузот на синдикати на Македонија, кој оваа година прв пат не организира марш по улиците и порача дека секогаш ќе се борат за правата на работниците.

– Оваа година ја дигитализираме револуцијата со дигитален синдикален марш 2020. Се бориме за заедништво, еднаквост и солидарност, се вели во честитката на ССМ.

Секое работно место е еднакво важно, па затоа во овие тешки моменти за работниците во нашата земја, КСС силно стои на браникот на одбраната на работничките права, истакнаа од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, по повод Меѓународниот ден на трудот, 1-ви Мај.

КСС порача дека секогаш кога е најпотребно се тука за зачувување на достоинството на работникот.

А професорот по трудово право на Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Андон Мајхошев изјави дека во изминатите 20 години македонските власти успеале да ги намалат работничките права вкупно 60 пати.

Тој забележува дека кратењето на работничките права се одвива во контиунитет. Во изјава за МИА вели дека работничкото незадоволство најмногу се изразува преку социјални протести.

-За ова има и причина. Затоа што во Законот за работни односи носител на правото на организирање на штрајк е синдикатот. Додека работниците коишто се надвор од синдикатот и кој не ги поведува синдикатот, иако можеби сакаат да штрајкуваат неможат да го остварат оваа право, токму поради тоа. Сметам дека оваа одредба во Законот за работни односи на некој начин го ограничува правото на работниците да штрајкуваат, вели Мајхошев.

Вкупно 214 пријави се регистрирани последниве шест месеци, кои опфатиле над 3.432 работнички и работници. Над 461 работник останаа без работа, а на приближно 696 работници им била намалена платата или, пак, воопшто не им била исплатена.

Ова го објави Хелсиншкиот комитет, кој по повод Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај, наведе неколку барања до Владата кои се однесуваат на заштита на работниците.

– Во овие исклучително непредвидливи и тешки времиња, останувањето без плата за најголем дел од работниците значи ризик за нивната гола егзистенција и затоа се потребни солидарноста и заедништвото, порача Хелсиншки комитет.

Владата вчера, по повод денот на трудот, ја имени Уредбата за финансиска поддршка за плати преку која на работодавачите кои ќе користат финансиска поддршка за исплата на плати им наложува дека не смеат да го намалат бројот на вработени во април, како и два месеца по завршување на мерката, односно заклучно со јули.

Покрај ова, донесено и е дополнување на Уредбата за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба со кое се овозможува ретроактивно вработување на лицата на кои работниот однос им престанал во периодот од 11 март до 30 април и соодветно нивно пријавување во системот на задолжително социјално осигурување.

Работодавачите кои ќе се согласат на ретроактивно вработување на лицата на кои им престанал работниот однос, тоа ќе можат да го направат до 7 мај, и на тој начин да ги исполнат критериумите за да се стекнат со правото на користење на мерката за финансиска поддршка за исплата на платите за април и мај.

По одлуката ССМ излезе со соопштение во кое оваа владина одлука ја нарече првомајска победа.

Социјалниот дијалог што го води ССМ со Владата и аргументираните барања даваат резултати, истакнува ССМ.

– Првомајска победа на ССМ. Стоп за можноста за отпуштање на работници. Ги враќаме назад отпуштените работници од почетокот на кризата, пишува во соопштението од ССМ.

Би можело да ве интересира

ССМ: Покачување на сите плати за 78 отсто, 60 часа работа неделно е враќање во 19 век

Ана Ололовска

Првомајски протестен марш на КСС: Лошата состојба на работниците и понатаму непроменета

Ана Ололовска

Синдикатите со одделни протести, но со исти барања ќе го одбележат Меѓународниот ден на трудот

Ана Ололовска

Првомајски протести на синдикатите: „Работниците се државата“

ВИДЕО: Жестоки првомајски протести во Франција и во Италија

Катерина Ѓуровски

Првомајски синдикален марш на ССМ под мотото „Здружени со иста цел“

Ана Ололовска