Двајца израелски војници загинаа денес во вооружен напад на контролен пункт во близина на градот Хеброн на Западниот Брег, соопштија Израелските одбранбени сили (ИДФ).
Загинаа постариот наредник Рон Јонатан Реутман (23) од Ашкелон и наредникот Јувал Шаи Свилем (20) од Ход Хашарон, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Уште тројца војници од истиот баталјон се ранети во нападот. Тие се здобиле со полесни и средно тешки повреди.
Двајца палестински напаѓачи биле убиени на самото место по дваесетминутна размена на оган со израелските војници.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе го уништи населбата во Хеброн од која потекнуваат напаѓачите што го извршија денешниот напад на Западниот Брег.
„Пред сè, ќе преземеме чекори за да го уништиме ова место, целосно да го промениме. Но, ќе направиме и нешто што претходно не е правено. Ќе го примениме успешниот и агресивен модел што го користевме во бегалските кампови, кои, во суштина, се терористички упоришта“, рече Нетанјаху за време на посетата на Хеброн, заедно со министерот за одбрана Израел Кац.
По нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, Израелските одбранбени сили евакуираа жители од бегалските кампови во кои дејствуваа терористички групи низ Западниот Брег, потсетува „Тајмс оф Израел“.
„Токму тоа ќе го направиме овде, во населбата во Хеброн од која дојдоа терористите. Ќе ги евакуираме жителите, ќе одиме од куќа до куќа, ќе го отстраниме оружјето што се наоѓа таму, а целата терористичка инфраструктура ќе биде уништена“, рече Нетанјаху.
Тој исто така најави дека Израел ќе ги отстрани објектите изградени без дозвола покрај патиштата на Западниот Брег, наведувајќи дека тие претставуваат закана за неговите сили.
Премиерот на Израел додаде дека ИДФ имаат планови за спроведување голема операција на Западниот Брег, најголемата откако Израел ја окупираше таа територија во 1967 година.
