Нетанјаху ја губи власта на почетокот на следната недела

Од:

Израелската опозиција е сè поблиску до преземање на власта од Бенјамин Нетанјаху.

Гади Ајзенкот, еден од лидерите во опозицискиот блок, денеска откри дека преговорите за формирање влада на национално единство се во завршна фаза и дека очекува на почетокот на следната недела да добие мандат за формирање нова влада.

Ајзенкот им се обрати на граѓаните на Израел во петокот преку социјалната мрежа „Икс“, откако претседателот Исак Херцог претходниот ден ги заврши консултациите со политичките партии застапени во Кнесетот. Резултатите од тие разговори покажаа дека актуелниот премиер Нетанјаху повеќе ја нема поддршката од парламентарното мнозинство.

Ајзенкот ја опиша ситуацијата во земјата како сериозна политичка и безбедносна криза, оценувајќи дека актуелната влада претставува закана за израелската демократија.

„Израел се наоѓа во реална, опиплива и опасна вонредна состојба. Актуелната влада го загрозува самото постоење на израелската демократија на најфундаментално ниво. Сето ова се случува додека воените фронтови се сè уште отворени, а ситуацијата е подложна на политички и лични каприци“, изјави Ајзенкот.

Тој откри дека преговорите за формирање на новата влада траеле десетици часови, а интензивните разговори продолжиле непосредно пред неговото обраќање до јавноста.

„Постигнавме значителен напредок, па дури и клучни пробиви, работејќи тивко и скромно. Така работиме ние. Не преку медиумски брифинзи и манипулации“, рече тој.

Ајзенкот се осврна на резултатите од консултациите спроведени од претседателот Херцог, тврдејќи дека тие потврдуваат оти мнозинството пратеници сакаат политички промени и го поддржуваат неговото доаѓање на премиерската функција.

Според неговите податоци, 67 пратеници го поддржале Ајзенкот, додека 46 членови на Кнесетот биле за тоа Нетанјаху да остане на власт. Останатите седум претставници не поддржале никого од нив.

Херцог во четвртокот потврди дека партиите што го поддржуваат Ајзенкот добиле препораки од вкупно 67 пратеници, додека поддржувачите на Нетанјаху собрале 46. Тој најави дека во недела ќе донесе одлука за доделување на мандатот за составување на новата влада.

Сепак, израелскиот претседател предупреди дека бројките сами по себе не се доволни за конечната одлука. Како што изјави, неопходно е да се процени кој од кандидатите навистина има капацитет и способност да собере парламентарно мнозинство и да формира влада.

Ајзенкот смета дека политичката неизвесност мора да заврши што е можно поскоро. Тој го оцени како особено проблематичен фактот што Нетанјаху, и покрај тоа што нема мнозинска поддршка, продолжува да управува со безбедносниот систем и институциите за спроведување на законот.

Таквата ситуација, според него, „не смее да потрае ниту еден ден“.

Би можело да ве интересира

По изборите во Израел, Ајзенкот најави смена на Нетанјаху

Нетанјаху најави најголема воена операција на Западниот Брег уште од 1967 година

А1он

Аракчи: Нетанјаху ги вовлекува САД во уште една војна само за да не заврши во затвор

А1он

ВИДЕО: Нетанјаху го нападна градоначалникот на Њујорк во ОН, доби одговор

ВИДЕО: Оскаровката Сузан Сарандон приведена во Њу Јорк на протест против Нетанјаху

Израел распоредува дополнителни сили на Западниот брег