(ВИДЕО) Монструмот повторно тропна на врата кај Цубалеска: Не сакам да бидам втората на која ѝ ја одзедоа куќата

Од:

Извршителката Весна Јакимовска повторно тропна на вратата на Споменка Цубалеска од Скопје, која, поради теророт на извршителката, пред неколку месеци посегна по својот живот, а за која „А1он“ претходно објави како брутално се изживува врз должниците.

Откога ѝ го одзеде и ѝ го обезвредни имотот на Цубалеска спроведувајќи извршување врз неа како трет солидарен должник, наместо кон другите двајца должници, Јакимовска на втората продажба на 23 јануари годинава по пат на усно наддавање го продаде недвижниот имот за кој побаруваше 127.625 денари.

Доверителката Даниела Томиќ-Јакимова, која противзаконски беше присутна и на одземањето на предметите на Споменка Цубалеска во септември 2022 година, се јавува и како купувач. Таа извршила уплата од 52.650 денари, односно го пребила своето побарување за да ги добие предметите што во овој случај се наоѓале на чување кај доверител.

Помал дел од предметите купило лице од Гостивар, кое уплатило сума од 14.750 денари за да ги добие и двата скапи телевизора, кои и беа претходно одземени.

Извршителката заедно со купувачите влегла кај Цубалеска за да ги одземе и двата попишани телевизора, иако ТВ-приемниците, како што тврди Споменка, се одземени уште при насилниот упад пред четири месеци.

„Претседателот на Основниот суд во Гостивар, Елијас Алиу, кој ми одговори по мојот приговор во рок од четири месеци, а законскиот рок е 72 часа, по мојот предмет се огласи како месно ненадлежен и го враќа повторно назад во скопска ‘двојка’. Дали јас треба да бидам втората жртва во Македонија што ќе остане без дом како нашата сограѓанка Тулај Нурединова-Мустафа, која за долг од 5.000 евра ја загуби куќата. Се обратив до претседателот на Основниот суд 2 да ми одговори за работата на изврштелката Весна Јакимовска, но до ден-денес немам одговор.

Упатувам апел до институциите дека монструмот Весна Јакимовска во Западна Македонија врши тортура врз луѓето и краде од куќите, од кои одзема накит. Скапиот накит го топи и потоа го продава. Сакам само правдината да излезе на виделина и првиот солидарен должник Илија Цубалески да си ги расчисти сметките и да почнам да живеам мирно. Јас сè уште не живеам мирно и јас сè уште сум му должна на монструмот“, рече Цубалеска пред Основниот суд во Скопје.

„А1он“ ја побара извршителката Весна Јакимовска пет дена пред да се одржи втората продажба на недвижните предмети во Гостивар. На прашањето дали сака да ја снимаме за изјава во врска со тврдењата на оштетените граѓани и во врска со претставките за неа кај народниот правобранител, Јакимовска кусо одговори: „Не“.

На прашањето од „А1он“ дали може да присуствуваме на продажбата на предметите на Цубалеска, Јакимовска рече:
„Не ве разбирам ништо од ова што го зборувате. Јас не сум таа за која зборувате“.

По последното влегување во домот на Споменка, „А1он“ ѝ испрати СМС-порака на Јакимовска со истото барање за изјава во врска со случајот на Цубалеска и реакциите од граѓаните, но не доби одговор.

Сведоштвото на Споменка охрабри уште неколку граѓани да го кренат гласот против самоволието на некои од извршителите и спрегата помеѓу нив и поединци од судскиот систем, а продолжува и трендот на поднесување претставки до народниот правобранител, кој за 2021 година добил 247 поплаки за работата на извршителите.

Сите поплаки се однесуваат на високите камати што извршителите ги наплаќаат од сметките на граѓаните. Проблемот како извршителите ги извршуваат каматите бил забележан од народниот правобранител уште лани.

„Казнената камата честопати ги доведува граѓаните во крајна неповолна ситуација, каде што долгот што го трпат како резултат на каматата честопати е два пати, четири пати, а некогаш и пет пати поголем од основниот долг. Ние како институција, во согласност со нашите надлежности, изготвивме законски измени и тој предлог го доставивме до Владата како предлагач“, рече народниот правобранител, Насер Зибери, за „А1он“.

Според бројките до кои дојде „А1он“, најдобрите 10 извршители во периодот од 2017 до 2021 година пријавиле вкупен приход од 19.414.692 евра, а оствариле добивка од 5.178.484 евра.

Би можело да ве интересира

ОЈО Кичево ќе вложи жалба за определената мерка претпазливост за извршителката за Кичево што нападна новинар и полицаец

Комората на извршители го осудува попречувањето на извршувањето спроведено од извршителката Јакимовска од Гостивар

Граѓаните бараат извршителите да ги почитуваат законските измени со кои долговите застаруваат

Глигорова: Извршителите веќе втор месец не постапуваат по новите измени во Законот за облигациони односи

Адвокати, нотари извршители за пет години наплатиле осум милиони евра од ЈП Водовод Скопје, утврди ревизијата

Орце Костов

Нема спас од извршителите: Освен од банка, сега ќе може да им ги земат парите на граѓаните и од штедилница

Орце Костов