(ВИДЕО) Мајката на Стефан Богоев ќе гради хотел кај Беровско Езеро

Од:

Ова се трите патишта кои го опкружуваат Беровското Езеро, најубавиот дел од истоимениот град. Патот од лево води до сè уште неотворениот граничен премин „Клепало“ со Р Бугарија, а од десна страна до руинираното и запуштено од државата детско одморалиште „Малешево“. Патот во средина, пак, води директно кон Беровското Езеро. Од раскопаната земја на самиот почеток почнува градежната парцела на која мајката на потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев, партнерски ќе гради хотел.

Се работи за две катастарски парцели со вкупна површина од 7.578 квадратни метри кои се купени од неодамна починатиот Владимир Богоев, татко на потпретседателот на СДСМ и актуелен директор на Центарот за истражување и анализа на партијата Стефан Богоев и Мирјана Павлова од градежната компанија „Каса инженеринг“.

Тие ја стекнале сопственоста на 7 октомври 2021 година. Според купопродажниот договор во кој имаше увид „А1он“, парцелите се купени за сума 50.000 илјади евра, а данокот кој е платен на општината изнесува 181.758 илјади денари или околу 3.000 евра. Математички, ако купопродажната цена се подели со бројот на квадрати, излегува дека метар квадратен е купен за шест и пол евра или 409 денари, што е прилично ниска сума за оваа атрактивна локација, која според ДУП е со намена Б5, односно изградба на хотел. Според информациите на „А1он“, семејствата се домашни пријатели, а како што потврди и самиот Богоев, тие се и соседи.

Во изјава за „А1он“, Стефан Богоев вели дека земјиштето е со намена хотел во ДУП донесен уште кога неговите родители воопшто и не биле сопственици.

„Многу далеку е од градење. Има само идеен цртеж. Дали ќе се гради или не тоа, моите не знаат  сега. Ако еден ден се гради, сигурно ќе се финансира со кредити, бидејќи ниту моето семејство, ниту соседите не се приближно финансиски моќни за таква инвестиција. Јас лично немам апсолутно никакво учество во целата работа, ниту физички, ниту финансиски“, вели Стефан Богоев.

До овој момент, во општината е поднесено барање за идеен проект, што значи дека прво мора да се платат комуналиите, за подоцна да се добие и одобрение за градба. На парцелата, сепак, може да никне хотел не поголем од 70 насто од вкупната површина. Според идејниот проект, инвеститорите планираат да градат хотелски комплекс, во висина од 13.5 метри, кој визуелно треба да има приземје, три ката и поткровје.

Според податоците на „Бизнис-мрежа“, пак, Павлова и мајката на ексградоначалникот на Карпош, Розита Богоева, на 15 април веќе основале и компанија „Гранд хотел ДОО Берово“ со основачки влог од 5.000 евра, во кои и двете се појавуваат како сопственици, а управител е Павлова.

„А1он“ успеа да ги обезбеди анкетните листови кои Стефан Богоев ги доставил до Антикорупциска за неговиот личен имот и имотот на неговите родители во времето додека извршуваше две функции – ексградоначалник на Карпош и пратеник во законодавниот дом. Приказната продолжува.

Би можело да ве интересира

Пет лица уапсени за уривањето на хотелот Дубровник во Аргентина: Едно лице загина

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Се урна хотелот „Дубровник“, спасувачите трагаат по исчезнатите

Извлечен е последниот преживеан од урнатиот хотел во Германија

Богоев: Преку ефективни реформски политики до поголеми инвестиции и производство со поголема додадена вредност

Горан Наумовски

Богоев домаќин на директорите на Царинските управи од Западен Балкан

(ВИДЕО) Експлозија во хотел во Тексас, има тешко повредени

Горан Наумовски