По десетина дена молк околу одржаната аукција за избор на универзален снабдувач со електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, конечно одговор за процесот на постапката.
Откако „А1он“ објави информација која никоја официјално не ја демантираше, дека ЕВН Хоум повторно е избран за универзален снабдувач, дури денеска од Владата со одговор. Оттаму велат дека извештајот од Комисијата ќе биде разгледан на наредната владина седница, без да откриваат повеќе информации за текот на постапката.
„Во врска со Вашето прашање коешто е предмет на интерес, Ви посочуваме дека Владата на Република Северна Македонија на наредна седница треба да го разгледа и усвои извештајот од Комисијата за спроведување на постапка за избор на универзален снабдувач по што јавноста веднаш ќе биде известена“, се вели во одговорот во владината прес служба.
Владината прес служба и недела дена по неофицијалните информации дека аукцијата за избор на универзален снабдувач е спроведена и дека на неа победила ЕВН Хоум не открива детали за постапката и аукцијата, која што наместо јавно, се спроведе речиси во тајност, а дел од компаниите кои аплицираат на повикот не добиле никаква информација за нејзиното одржување.
Тактизирањето на Владата со извештајот оправдано ги потхранува сомневањата дека изборот на универзален снабдувач има во најмала рака спорни елементи или станува збор за политичка одлука која треба да се соопшти во безбеден тајминг земено имајќи предвид дека сме среде предизборна кампања.
Познавачите коментираат дека оваа постапката сериозно отстапува во пристапот во споредба со претходната постапка спроведена пред пет години.
Претходно, процесот на селекција се карактеризираше со транспарентност и отчетност. Јавноста беше информирана на секој чекор, медиумите добиваа редовни брифинзи за напредокот, а сите документи и одлуки беа јавно објавени. Сегашната процедура е обвиткана во тајност. А, отсуството на јасна комуникација и транспарентност покрена сомнежи за правичноста и непристрасноста на критериумите за избор.
Изборот на универзален снабдувач за домаќинствата е особено значаен бидејќи целта на оваа постапка е да се обезбеди подобра услуга и пониски цени за граѓаните што може да се постигне само преку здрава конкуренција.
Сепак, информациите кои пристигнуваат од извори во постапката се дека овие цели се занемарени, а постапката се водела во насока да се отстрани вистинска конкуренција.
Наместо да работи во соработка со понудувачите за да се решат какви било технички недостатоци, се чини дека целата постапка е водена со однапред познат исход, ограничувајќи го бројот на конкуренти кои учествуваат на аукцијата. Ова резултираше со само еден остварлив понудувач и минимални промени во маржите, спротивно на принципите наведени во законите за енергија и јавни набавки.
Јавниот повик за избор на универзален снабдувач на домаќинствата и малите потрошувачи беше затворен на 12 јануари. На него се пријавија досегашниот универзален снабдувач, ЕВН, државната компанија ЕСМ продажба и ЕДС АД Скопје. Рокот за негово завршување и избор на нов универзален снабдувач според изјавите на надлежните е 17 април.