Земјите од ЦЕФТА мора да ја продлабочат соработката на сите полиња

Од:

Мотив за потпишување на договорот за ЦЕФТА е приближувањето кон Европската унија и привлекувањето инвестиции. Затоа земјите потписнички мора да ја продлабочат соработката на сите полиња, смета Рената Витез, извршен директор на ЦЕФТА – Секретаријатот, со седиште во Брисел.

Регионалната соработка, според неа, е клуч за решавање на сите проблеми вклучително и на кризата, а осумте земји потписнички на договорот за ЦЕФТА треба да се стремат во иднина да се фокусираат на проширувањето на соработката и со околните земји членки на ЕУ, Русија, Турција, земјите на ЕФТА, Украина и Медитеранските земји.

– Трговијата во регионот на ЦЕФТА е урамнотежена, но пред се е заснована на размена на земјоделските производи кои се застапени со повеќе од 40 отсто. Затоа треба да се размислува за продлабочување на индустриската размена…Кризата влијае на трговијата и предизвика нејзин пад, но се покажа дека регионалната трговија е поиздржлива од останатите видови, што значи дека има помал пад на трговијата во регионот отколку надвор од него, рече Витез на денешната средба со новинарите во Стопанската комора на Македонија.

Нагласи дека генерална порака од кризата е дека мора да се направи се на регионално и на национално ниво за да се подобри конкурентноста, особно во производството.

– Мора да се согласиме дека сами веројатно немаме доволно капацитети и ресурси за тоа и оти ни се неопходни странски инвестиции и тоа во индустријата, а не во услугите. Во привлекувањето на инвестициите мора регионално да соработуваме, бидејќи сме мал пазар, како регион не сме конкурентни, а немаме ни евтина работна сила. Заедно мора да работиме и зашто ЕУ политички на нас гледа како на регион, потенцира Витез  и додаде дека регионална соработка е едно од основните барања и во договорите за асоцијација и стабилизација со ЕУ.

Секоја од земјите од ЦЕФТА, посочи, мора сама да се бори за привлекување на инвестиции, но при тоа и да соработува со останатите земји членки.

Македонија идната година ќе претседава со поткомитетите за нетарифни и технички бариери во трговијата, и за царини и правила за потекло на ЦЕФТА, а во 2014 ќе биде претседавач на ЦЕФТА. Токму затоа извршниот директор Витез е во посета на земјава.

Цефта, како што рече, веќе ги исполни зацртаните приоритети за периодот 2008-2012, трговијата со стоки е веќе договорена, а останува да се работи на усогласувањето на нетарифните бариери.

– Тоа се бариерите кои земјите потписнички на договорот ги истакнуваат како проблеми во Секретаријатот на ЦЕФТА. Од нив 60 отсто се веќе решени, 35 се во фаза на решавање, 4 се нови посочени проблеми, а 1 отсто се нерешени проблеми, рече Витез.

За периодот 2013-2020 година, додаде, приоритети се усвојување на Стратегијата за ЈИЕ 2020, либерализација на услугите, усогласување на регулативата за инвестиции, интелектуална сопственост, во финансискиот сектор, создавање на добавувачки синџири, инфраструктурно поврзување…Регионот, со помошта на ЦЕФТА, треба да се трансформира во партнер со капацитет на ЕУ.

Потписнички на договорот за ЦЕФТА се Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Молдавија, Србија, Хрватска и Црна Гора.

Би можело да ве интересира

Над 2.500 земјоделски и прехранбени производи се очекува да поевтинат со новиот закон за нефер трговски практики

Орце Костов

Комора на геодетски друштва: Новиот тарифник е пресметка на директорот со приватните компании

Орце Костов

Бранко Азески бара функционерите да штедат: Службените возила за викенд ви се по нивите и по швалерај

Орце Костов

Комора на приватно здравство: Висината на капитацискиот бод да се одредува според методологија

Годишно изборно собрание на Македонско-бугарската стопанска комора

Ана Ололовска

Членките на ЦЕФТА да користат арбитража за решавање на споровите

Ана Ололовска