На плантажите на Равна Река кај Пехчево започна бербата на аронија од годинашнава реколта. Според очекувањата на сопственикот Ѓорѓи Поповски годинашниов род ќе тежи околу 4.000 килограми.
Ова е релативно ново овошје во Малешевијата, донесено од Русија пред 16 години и по составот на витамини што ги содржат свежите плодови го нарекуваат „Витаминска бомба“.Медицинарите го препорачуваат како природен антиоксиданс.
Цената на еден килограм свежа аронија на македонскиот пазар се движи од 5 до 8 евра, а на пазарите во европските земји достигнува и до 20 евра.
Во соработка со Институтот за овоштарство и Факултетите за земјоделство и храна Ѓорѓи Поповски во рамки на плантажата на Равна Река има формирано репроцентар за аронија од кој годишно на заинтересираните овоштари им испорачува по околу 2.000 садници.
– Аронијата е овошна култура за која Пијанечко-малешевското поднебје има идеални почвено-климатски услови за одгледување, вели Ѓорѓи Поповски и очекува поголем интерес за нејзино ширење, пред се од младите земјоделци.