За да се намалат трошоците за трговија и да се зголеми ефикасноста на транспортот, Министерството за финансии во име на Владата ќе склучи договор за заем со Светска банка во износ од 26,2 милиони евра. Договорот ќе биде потпишан по донесувањето на закон за задолжување кај Меѓународната банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, што е во собраниска процедура.
Со ова, како што наведуваат од Министерството за финансии, нашата земја ќе остане предводник во имплементацијата на заложбите за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан.
Проектот се состои од четири компоненти. Првата, „Олеснување на движењето на стоките и услугите низ Западен Балкан“, ќе обезбеди поддршка за дизајнирање, развивање и спроведување на Национално едношалтерско решение, модернизација на царината и другите институции што учествуваат во управувањето со границите, за да се подобри нивната меѓуинституционална координација, и да се намали времето потребно за чекање на стоките. Со оваа компонента ќе се обезбеди поддршка за подобрување на физичките капацитети и работните услови на граничните премини Ќафасан и Деве Баир со цел олеснување на протокот на стоки преку границите.
Со втората компонента „Подобрување на транспортната ефикасност и предвидливост“, ќе се поддржи развој на Интелигентен транспортен систем-ИТС на дел од Коридор 10, преку набавка и инсталирање на опрема, како и обезбедување на техничка помош за поддршка на подготовката на законските прописи за системот за интелигентен транспорт во согласност со соодветните директиви на Европска унија.
Третата компонента „Подобрување на пристапот до пазарот за трговијата и инвестициите“, предвидува поддршка преку техничка помош за спроведување на регулаторни и институционални реформи за усогласување со конкретните обврски на нашата земја во рамките на дополнителните протоколи 5 и 6 од Договорот за слободна трговија на Централна Европа (ЦЕФТА) и повеќегодишниот акционен план за регионалната економска зона во Западен Балкан.
Во рамки на четвртата компонента „Поддршка за спроведување на проектот“, ќе се овозможи поддршка на единицата за имплементација на проектот, вклучувајќи координација на политики и мониторинг и евалуација на проекти, како и спроведување на јавни консултации помеѓу повеќе чинители и анкети.
Од Министерството за финансии оценуваат дека условите за заемот се исклучително поволни. Рокот на отплата е 12 години со вклучен грејс период од четири години, а каматната стапка е шестмесечен ЕУРИБОР зголемена за фиксен распон.
Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан е од регионален карактер и во првична фаза, покрај нашата земја, ќе ги вклучи и Србија и Албанија, а понатаму ќе се приклучат Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.
Основната цел на Проектот е промоција на подлабока економска интеграција во рамки на регионот, намалување на трошоците за трговија и зголемување на ефикасноста на транспортот во Република Северна Македонија.