Државните институции кои имале пари исплатиле К-15 за вработените, а оние кои немале предвидено средства во буџетите за оваа година и кои не ги исплатите вработените нема да добијат казни. Директорката на Државниот инспекторат за труд Јована Тренчевска вели дека неисплаќањето ќе се казнува од следната година.
„Не казнуваме за неисплатен регрес за годишен одмор во јавниот сектор бидејќи буџетот беше испланиран пред да биде донесена одлуката да им се исплаќа. Буџетот се носи во декември 2019 година, а одлуката да почне да се исплаќа регресот за годишен одмор и во јавниот сектор за 2020 беше донесена лани во февруари, непосредно пред да почне кризата од пандемијата. Сега не можеме да ги обврземе институциите да исплаќаат доколку немаат предвидено средства во буџетите. Оние кои имале средства исплатиле, тоа е некој мал дел, но казни за оние кои не исплатиле годинава нема да има. Ќе казнуваме доколку не се исплати регресот од следната година. Казни ќе добијат оние што нема да исплатат регрес за оваа, 2021 година“, вели директорката Тренчевска.
За неисплатениот годишен регрес во јавниот сектор за 2020 година, во февруари годинава предупреди Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ). Синдикалците потсетија дека договорот за исплата на регрес е склучен на 6. 2.2020 година, а стапил на сила веднаш по објавата во „Службен весник“ од 25.02.2020 година.
„Во членот 21 од Колективниот договор е предвидено дека секој вработен има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 9.000 денари нето, под услов да работел шест месеци во календарската година кај работодавачот и се исплатува најдоцна до крајот на тековната година. Иако во членот 21 јасно е предвиден износот за регрес за годишен одмор и рокот за исплатата, до сега ова право е исплатено само во неколку општини, а во ниту еден орган опфатен со овој Колективен договор не е извршена исплатата на ова право. Од тие причини, Синдикатот на УПОЗ се обрати до Државниот инспекторат за труд, со цел да се изврши вонреден инспекциски надзор со кој ќе се утврди дали на вработените им е исплатено правото на регрес за годишен одмор, а доколу утврди дека не е испатен, со решение да им се наложи на работодавачите од членот 2 став 1 од Колективниот договор истото да го сторат во најбрз можен рок“, предупреди Синдикатот на УПОЗ на крајот на февруари, годинава.
Еден месец по предупредувањето, на први април, Владата на 32. седница донесе одлука на вработените во јавниот сектор да не се доделува регрес за годишен одмор во 2020 година.
Според договорот склучен лани во февруари, годишен регрес за 2020 година треба да им биде исплатен на вработените во органите на државната управа, судовите, јавните обвинителства, казнено- поправните и воспитно- поправните установи, државното правобранителство, единиците на локалната самоуправа, агенциите, фондовите и центрите за социјални работи и други органи основани од Собранието.