Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека економската иднина зависи од успехот на „Отворениот Балкан“, но и од тоа колку мирот и стабилноста ќе бидат зајакнати во регионот.
„Никогаш немало повеќе внимание или енергија фокусирана на успехот на овој проект“, рече Вучиќ во Белград на отворањето на Самитот на лидери „Отворен Балкан“, иницијатива која ги вклучува и Македонија, Србија и Албанија.
Со самитот претседаваат премиерите на Албанија и Северна Македонија, Еди Рама и Димитар Ковачевски, а присутни се и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, претседавачот со Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтије, министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто и неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу.
Вучиќ истакна дека успехот на „Отворениот Балкан“ е и фактот што Албанија и Северна Македонија ги започнаа преговорите за влез во Европската унија.
Успехот на оваа иницијатива не е мал, но можеме да го направиме тоа побрзо, посилно и подобро“, рече Вучиќ.
Тој изјави дека по воспоставувањето на „зелениот коридор“ за побрза циркулација на прехранбените производи, растот на размената на тие стоки меѓу членовите на иницијативата изнесува 17 проценти.
„Работиме на дополнително намалување на времето на чекање на границите“, рече Вучиќ и најави дека денеска ќе бидат потпишани документи кои ќе обезбедат повисоко ниво на економска соработка во рамките на „Отворен Балкан“.
Истакнувајќи дека односите меѓу земјите-членки на оваа иницијатива се на историско високо ниво, тој изрази желба кон неа да се приклучат и другите земји од регионот.