Време е за демаскирање на „Антикоцкање“ од Тетово!

Од:

Периодичното појавување, служењето со закани и конструкции, дополнително ги потхрануваат сомневањата дека зад „Антикоцкање“ од Тетово се кријат политички и бизнис интереси. Додека целата економија е во неизвесност од драматичното зголемување на цените на струјата и енергенсите низ цела Европа, кога многу домашни компании се прашуваат дали ќе треба да стават клуч и да ги отпуштат вработените ова таканаречено движење против коцкање продолжува со своето деструктивно однесување. Редно време е господата кои во името на „Антикоцкање“ ја прозиваат државата, партиите, приредувачите на игри на среќа, закуподавачите на објектите, па дури и играчите, конечно да одговорат чии интереси штитат и што е нивната крајна цел?

dobivaj vesti na viber

Постојат редица прашања зошто негативната кампања на „Антикоцкање“ од Тетово се темели на многу манипулации. Додека дејноста игри на среќа обезбедува плати за 8 000 вработени, за 23 000 обезбедува егзистенција и индиректно подржува и помага 54 000 работни места, некој со умисла сака да и нанесе штета на државата и да предизвика огромна Буџетска штета. Дали целата нивна активност е всушност одработување во интерес на нечиј план и сценарио за нелегално заработка од игри на среќа кои би се организирале на црно, без никаков приход за државата? Дали зад негативната кампања се крие нов „Детонатор“, познатиот скандал од 2011, кога полицијата заплени околу 1 500 диво поставени покер апарати во нелегални коцкарници? Тоа ли е целта, да се затвори легален бизнис за да некој печали од диви играчници кои ќе работат на црно?

Надлежните државни институции треба транспарентно да им ги предочат на граѓаните вистинските ефекти од забраната на игрите на среќа во соседството. Еве ги фактите. Албанија во 2019 ги забрани и затвори спортските обложувалници и казина, дозволувајќи само „on-line“ игри на среќа. Во септември 2020 година, нивната Влада се пишмани и дозволи повторно да се организираат игри на среќа, дури и да се отвораат објекти во најстрогиот центар на Тирана. Косово со 10 годишен мораториум забрани игри на среќа, но косовските граѓани се префрлија во соседството да се занимаваат со игри на среќа. Во Грција децении наназад беа забранети објектите за игри на среќа. Бројот на казина на целата нивна територија не надминуваше повеќе од 10, кои претежно беа насочени кон туристите. Но, тоа сепак не ги спречува Грците да играат. Податоците укажуваат дека, во одредени периоди меѓу 3 000 – 5 000 Грци само во еден ден ги посетуваат казината во Гевгелија. Локалните власти тврдат дека економскиот развој на општината веќе 15 години се темели на работењето на казината и хотелскиот бизнис. Тука треба да земе предвид дека и домашните нафтени компании, стоматолозите, трговците имаат полза. Овие податоци веројатно ги принудија грчките власти да ја менуваат ригидната политика и со нов закон во 2018 дозволија нивната државна лотарија да отвора објекти со VLT апарати. Во Грција веќе се инсталирани 36 000 апарати за игри на среќа. Објаснувањето е едноставно, ниту една држава не сака нејзините граѓани да ги трошат своите пари во соседството.

За веселата математика дека организаторите на игри на среќа наводно заработуваат 1 милијарда евра годишно. Еве ги фактите во кумулативен износ преку кои државниот Буџет годишно се полни со 280 милиони евра од игрите на среќа: приредувачите на игри на среќа имаат законска обврска за плаќање посебна давачка во вкупен износ од 23%, од кои 1,5% одат за потребите на јавното здравство и 1,5% за потребите на Агенцијата за млади и спорт, а останатите 20% директно се слеваат во централниот Буџет. Казината и автомат клубовите дополнително плаќаат годишно и за секоја лиценца која на приредувачите на игри на среќа во строго дефинирана процедура им ја издава Министерството за финансии, а конечно ја одобрува Владата. Како правни лица плаќаат и годишен данок на добивка по стапка од 10%. Плус за секоја поединечно остварена добивка од играње имаат обврска да платат 15% данок на истата. Плаќаат плати за вработените и придонеси од работен однос (со двојни дневници за работа во недела, празници, ноќен труд и сменско работење, бидејќи работното време е 24/7), за 10 илјади вработени. Државниот буџет се полни и преку оданочување на закупнини на деловни простории, ДДВ преку купување опрема, мебел, надоместоци за струја и давање угостителски услуги, со кои се подржуваат меѓу 54 до 100 илјади други работни места надвор од секторот игри на среќа. Конечно, приредувачите на игри на среќа плаќаат огромни суми на ДДВ, но се исклучени од правото да бараат поврат на истото. Кога ќе се сумираат приходи и расходи, за нив останува 10% од кои треба да ги покријат трошоците за инвестициите и да остварат заработка што е основна цел на секој бизнис. Односно, 1 милијарда профит од игри на среќа во Северна Македонија е нереално да се замисли, а камоли да се реализира! Единствено точно е дека „Антикоцкање“ од Тетово бара државата да се откаже од буџетски приходи од 280 милиони евра на годишно ниво, кои се обезбедуваат преку дејноста игри на среќа! Буџетските средства добиени по основ на игри на среќа се слеваат во јавното здравство и во буџетот на Агенцијата за млади и спорт, кои се трошат за поддршка, развивање и унапредување на општествената положба на младите, нивна едукација, креирање превентивни политики за сите девијантни појави, како и за вложувања и развој на индивидуалните и колективни спортови, поддршка на спортските клубови и национални спортски федерации.

Конечно, како општествено одговорни компании, претставници на реномирани корпорации од ЕУ, никогаш не одбегнуваме дополнителна регулација на овој економски сектор. Нашите правни тимови уште пред 4 години доставија предлози до Собранието на Република Северна Македонија со цел да обезбедиме поквалитетно решение.

Горан Стоименов претставник на АПИС (Асоцијација на приредувачи на игри на среќа)

ПР Текст

Би можело да ве интересира

Реакција на членките на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа на ставовите на движењето „Антикоцкање“ од Тетово

Катерина Павлова-Николовска

Отворено писмо на Здружението на вработени во сектор игри на среќа „Сакам да работам“

Ана Ололовска

АПИС ја демантира Алијанса за Албанците: Сериозни политики не се темелат на весела математика и манипулации

Писмена реакција на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа АПИС

Ана Ололовска

Претставник на АПИС: Игрите на среќа стануваат нов популистички мегдан за партиите

Ана Ололовска

Антикорупциска бара да се разоткрие „шемата“ за кешот од игрите на среќа

Катерина Павлова-Николовска