Премиерот Димитар Ковачевски најави дека ќе следуваат нови економски мерки за да се спречи некои фирми во време на криза да печалат на грбот на граѓаните, посебно во делот на млечната индустрија каде што очекува да се појави криза поради војната во Украина.
Ковачевски најави дека ќе има проблем со млекото поради војната во Украина и поради тоа утре ќе одржи состанок со министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
-Ги следиме цените, со економските министри веќе разговаравме за идните мерки што ќе се преземат, пред се, во делот на маржите и во делот на разликата во цените од производителите до финалната цена на рафт. Сигурно ќе следуваат нови мерки, зашто никој не може во време на криза да печали на грбот на граѓаните, потенцира Ковачевски.
Според него, се јавува криза во снабдувањето на млечната индустрија, има недостиг во некои региони во светот поради војната во Украина.
-Ќе има проблем кај млекото зашто се јавува криза во снабдувањето со млеко. Веќе утре имам состанок со министерот Николовски во однос на тоа кои мерки ќе ги преземеме зашто се јавува недостиг во некои региони во светот на млеко поради војната во Украина. Да не заборавиме дека има војна која е се посилна, Украина е најголемата житница во Европа, а Русија заедно со скандинавските земји се најголеми производители на вештачки ѓубрива во светот. А без овие ѓубрива, приносите ќе се намалат за 50%. Голем дел од земјоделските приноси зависат од ѓубривата полни со нитрати, а нитратите доаѓаат од рускиот гас. Поради санкциите кон Русија има намалено производство. Веројатно ќе ги субвенционираме ѓубривата и оваа година – додаде тој.