Се почитува договорената цена од 13 денари за килограм вранец во Тиквешко во екот на бербата на грозјето, соопшти денеска Љупчо Аризанов, претседател на регионалниот Сојуз на лозари „Агротиквешија” од Кавадарци.
– Винарските визби барем засега ја почитуваат договорената цена и засега откупот на грозјето тече без никакви проблеми. Кога пак вранецот се продава за извоз, неговата цена е 14 денари. При крај е бербата на винските сорти грозје темјаника, шардоне, ризлинг и некои други висококвалитетни сорти на винско грозје. Годинава за разлика од порано бројот на откупувачи на грозје во најголемиот лозаровинарски регион во Македонија, Тиквешкиот, е поголем, изјави Аризанов.
Во меѓувреме почна и бербата на смедеревката, таа се откупува по цена од 11 денари за килограм, но се очекува цената да расте заради големиот интерес за неа.