Sherpa horse-riding од Галичник заедно со донаторската заедница го одбележа Светскиот ден на туризмот во Галичник, ставајќи фокус на важноста на безбедносниот аспект од авантуристичката туристичка понуда во Северна Македонија.
На настанот се презентираше историјатот и развојот на компанијата низ годините, а меѓу присутните беа претставници од донаторската заедница кои заедно и координирано преку своите програми помогнаа во подобрување на производот и промоција на Sherpa Horse-riding. Присуствуваа и претставници од другите компании кои даваат услуги јавање коњи во Крушево, Попова Шапка и останатите делови на Шар Планина. Тие имаа можност да слушнат повеќе за безбедносите процедури како дел од понудата.
-Поддршката што ја добивме од швајцараската Програма за пазарна вработливост (IME), од Проектот за локална и регионална конкурентност на Светска банка и Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), ни помогна да ги подобриме постоечките туристички пакети, инфраструктурата, да ја унапредиме безбедноста и да бидеме повеќе видливи онлајн, а со тоа и подобро да се позиционираме на европскиот и светскиот пазар, рече генералниот менаџер на Sherpa Horse-riding Галичник, Васко Величковски.
Тој истакна дека опремата што секој ја добива при јавање е дел од безбедноста, но уште поважно е, како што истакна, воспоставување целосен систем на безбедност со интерни и оперативни процедури и систем за управување со ризици.
-За нас се важни три аспекти во поддршката во туризмот: подобрување на производот, безбедноста и координацијата на сите чинители. Sherpa Horse Riding e успешна приказна и верувам ќе послужи како добар пример за останатите, рече националниот програмски офицер од Швајцарската амбасада, Анета Дамјановска.
Светската туристичка организација на Обединетите нации го одбележува 27 септември како Светски ден на туризмот од 1980 година. Целта е да се подигне свесноста за улогата на туризмот и неговото влијае на социјалните, културните, политичките и економски вредности ширум светот кон постигнување на целите за одржлив развој.