Продлабочувањето на економските врски и соработката на регионална основа се перципираат како можност за забрзување на економскиот раст и како заемна корист на земјите од Западен Балкан и на вишеградската четворка. Тоа е истакнато на работната средба што се одржа деновиве во Будимпешта на претседатели и на високи претставници на десет стопански комори – од една страна, шест стопански комори од земјите на Западен Балкан (Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Албанија), а, од друга страна, четири земји од т.н. Вишеградска група (Унгарија, Чешка, Словачка и Полска).
Ова е прва средба од ваков вид и е дел од активностите на Коморскиот инвестициски форум на земјите од Западен Балкан, а од државава учествуваше Стопанската комора на Северна Македонија, како единствена комора – членка на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан.
-Средбата е одраз на интересот и на желбата на сите вклучени страни за зголемување на соработката меѓу компаниите од десетте земји. Во тој контекст, беа разменети мислења за економските случувања во секоја од земјите, како и за улогата на стопанските комори во олеснувањето на бизнис-соработката во иднина. Средбата доаѓа во важен момент, кога европскиот интегративен процес на земјите од Западен Балкан доживува одредено забавување. Во тој контекст, продлабочувањето на економските врски и соработката на регионална основа се перципираат како можност за забрзување на економскиот раст и како заемна корист на земјите од Западен Балкан и на вишеградската четворка. Постои значителен неискористен потенцијал за поголемо економско поврзување, па во наредниот период низ разновидни форми ќе се бараат најефикасните механизми за искористување на тој потенцијал, соопшти Стопанската комора на Македонија.
Коморите од Вишеградската група и од Западен Балкан потпишаа заедничка декларација со која ја потврдија заедничката желба да придонесат за понатамошниот развој на регионалната економска соработка меѓу земјите од В4 и ЗБ6, да соработуваат и придонесуваат за подобрување на деловната и инвестициската клима и за развојот на приватниот сектор во земјите, како и да имаат поактивен придонес за економско рестартирање на регионот по пандемијата со КОВИД-19 за справување со економските предизвици и последиците од кризата. Коморите од В4 и Коморите од КИФ ЗБ6 ја нагласуваат важноста на одржливиот економски раст, дигиталната и зелената трансформација на индустријата и енергетската сигурност.