Владата им овозможува бесплатни обуки на граѓаните за работа со компјутери

Од:

Бесплатни обуки за сите граѓани за основни познавања од информатичката технологија (ИТ), работа со компјутери и интернет, како и бесплатни обуки за невработените за два понапредни програмски пакети, графички дизајнери и јава веб дивелопери, ќе обезбеди Владата.

Како што соопшти денеска портпаролот Александар Ѓорѓиев, целта на двата проекта е да се зголеми информатичката писменост на граѓаните во земјава како чекор повеќе кон подобрување на нивната конкурентност и полесно наоѓање работа или отворање сопствен бизнис.

Конкурсот за основни ИТ познавања опфаќа два модула, канцелариско работење и користење интернет (веб пребарувач, електронска пошта, скајп, форум и блог). Модулите ќе се спроведуваат во четири одделни сесии, четири недели.

– Секоја сесија ќе трае еден час и триесет минути, а обуката ќе се одвива во бесплатните интернет клубови во 22 града, Скопје, Битола, Тетово, Охрид, Прилеп, Гостивар, Кичево, Неготино, Куманово, Кочани, Кавадарци, Штип, Свети Николе, Дебар, Радовиш, Гевгелија, Крушево, Македонски Брод, Демир Капија, Крива Паланка, Кратово и Ресен, истакна Ѓорѓиев.

Во градовите во кои најмалку 20 отсто од граѓаните се од националност што е немнозинска, обуката, освен на македонски, ќе се спроведува и на јазикот на националноста.

Вториот повик кој се однесува на невработените е во рамки на Оперативниот план за активни мерки за вработување. – Агенцијата за вработување овој месец ќе почне постапка за обезбедување провајдери кои ќе ја вршат обуката, а потоа, во првата половина на септември, ќе биде распишан јавен повик за невработените кои сакаат да ги посетуваат обуките, информира владиниот портпарол.

Право на учество имаат сите невработени лица евидентирани во Агенцијата, но ќе се прави проверка дали некое од нив останало без работа во последните три месеци.

Предност ќе имаат невработените со понапредни познавања од областа на информатичката технологија. Времетраењето на обуката ќе биде до четири месеци, а ќе ја спроведуваат стручни предавачи. Добиениот сертификат на невработените ќе им го олесни учеството на пазарот на труд.

– Апелираме граѓаните во што поголем број да ги искористат овие можности што ги нуди државата и на тој начин да дадат значаен придонес во подобрувањето на сопствените вештини, знаења и способности, потенцира владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Би можело да ве интересира

Вучевиќ: Македонија ќе најде повеќе од партнер во Србија

А1он

Елиминирањето на конкуренцијата во изборот за универзален снабдувач граѓаните ќе ги чини стотици милиони евра повеќе за сметки за струја

А1он

Универзалниот снабдувач избран без да се овозможи конкуренција, граѓаните ќе плаќаат милиони евра повеќе за струја

А1он

Влада: Веднаш по изборите да се подготват законски решенија за статусот на специјализантите по медицина

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов

ДКСК: Владата и Апелациските судови не доставиле податоци за бројот на службени возила

Орце Костов