Здружението „Вина од Македонија“, во кое членуваат најголемите производители и извозници на вино во земјата, ја поздравува одлуката на Владата да предложи укинување на одредбите од Законот за трговија, со кои, меѓу останатото, се забранува продажбата на алкохолни пијалаци во трговијата по 19, односно 21 часот, воведени во 2008-ма година.
Очекуваат дека Собранието на Република Македонија во најкраток можен рок ќе ги прифати предложените законски измени, што, како што потенцираат, ќе овоможи да се тргнат ригорозните ограничувања во трговијата со алкохолни пијалаци во земјата, кои во изминатите десет години им нанесоа големи финансиски штети на производителите на вино, како и на целокупната домашна винска индустрија која, заедно со лозарството, создава и до 20 проценти од годишниот Бруто домашен производ остварен во земјоделството и обезбедува егзистенција за околу 30.000 производители на грозје, на над 12.000 сезонски работници и на повеќе од 2.000 вработени во домашните винарници.
– Рестриктивните и крајно нелогични ограничувања на продажбата на алкохолни пијалаци во трговската мрежа во изминативе десет години придонесоа за намалување на очекуваната продажба на вино за повеќе од 10 проценти на годишно ниво, што негативно се одрази на приходите на самите винарници, а со тоа и на нивните планови за откуп на грозје од лозарите, наведуваат од Здружението.
Според нив, дополнителен аргумент за укинување на ограничувањата во трговијата со алкохолни пијалаци, меѓу кои и на виното, е и тоа дека Македонија има најмала просечна потрошувачка на вино по жител во Европа, кое изнесува само седум литри годишно. За споредба, во земјите членки на ЕУ од нашиот регион: Бугарија, Грција, Словенија и Хрватска, потрошувачката на вино надминува 25 литри по жител.
– Истовремено, за да се постигнат посакуваните ефекти поврзани со спречување на злоупотребата на алкохолот, членките на „Вина од Македонија“ целосно ја поддржуваат забраната на продажба и точење алкохол на малолетни лица и истовремено инсистираат на ригорозна контрола на нерегистрираното производството и трговијата со алкохол „на црно“, за кое не се плаќаат даноци и е широко достапно за целото население, вклучувајќи ги и најмладите, се наведува во соопштението.
Владата на синоќешната седница го прифати Предлогот за измени и дополнувања на Законот за трговија на Министерството за економија, чија цел е укинување на ограничувањата на времето на продажба на алкохолни пијалаци во трговијата на мало и на малопродажните објекти.