Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска имаше работен ручек со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев.
Заеднички е оценето дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка отвори нови перспективи на соработка меѓу двете држави.
Премиерот Заев и претседателот на Република Бугарија, Радев ја потврдија посветеноста на двете држави за унапредување на економските односи и за зголемување на трговијата. А посебно внимание е посветено на изградбата на инфраструктурата на Коридорот 8, како и на проектите значајни за енергетска поврзаност меѓу двете земји.
Претседателот на Бугарија, Радев, на работниот ручек пренесе дека Република Бугарија силно ја поддржува Република Македонија во интеграциите кон ЕУ и НАТО.
Во изјавата за медиумите тој го посочи визионерството и лидерството што го покажа премиерот Заев, како отворена можност за развој на целиот Западен Балкан.
Премиерот Заев се заблагодари за пријателските односи со Бугарија коишто се пример дека ако се има политичка волја, може да се решат важни прашања за граѓаните.
Тој во изјавата за медиумите се заблагодари на претседателот на Бугарија, Радев за неговиот придонес во постигнатиот договор меѓу двете земји, којшто, како што рече премиерот Заев, ги носи првите добри резултати.
„Секој министер од Владата на Македонија беше веќе во Бугарија, овде се воспоставија секаков вид на договори за соработки, почна и техничката документација за гасоводната мрежа Петрич Струмица, зголемен е преносот на енергија од Бугарија кон Македонија, веќе зборуваме за патната инфраструктура на новиот граничен премин Клепало. Истовремено се потпишани многу договори, очекуваме март – април да паднат цените на роамингот помеѓу двете земји, ги користиме лабораториите на Бугарија, споделуваме искуства, Министерството за одбрана со сите свои обуки и центри, што ги даваат на нашата Армија и на полицијата, но она што е најзначајно, обемот на трговијата е веќе преку 10 – 12 проценти зголемен, имаме заеднички музички групи, заеднички театарски претстави… Сето тоа покажува дека Договорот носи само добро за двете земји и за граѓаните на двете држави“, рече меѓу другото во изјавата премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев изрази надеж за отворање на преговорите на Македонија со ЕУ за време на претседавањето на Бугарија со Европската унија, со оглед дека нашата држава е силно посветена на реформските процеси и добрососедските односи со сите држави, што стоеше како пречка на евро-интеграцискиот пат.
На работниот ручек на премиерот на Република Македонија, Зоран Заев со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, позитивно е оценета улогата на Република Бугарија во промоцијата на Балканот, за време на претседавањето на Бугарија со ЕУ. Тие двајцата оценија дека денешната средба е потврда на пријателството што и понатаму се развива и надоградува меѓу двете држави.