Почна изградбата на делницата Градско-Дреново, која е втора од вкупно планираните три фази за изградба на експресниот пат Градско – Прилеп. Новата делница е во должина од 16 километри, со инвестиција од 23 милиони евра, обезбедени од фондовите на ЕУ.
– Најважно за граѓаните е што овој експресен пат отвара нови можности за брз транспорт на луѓе и на производи, како и непречено и лесно поврзување на идеите за нови иницијативи, нови проекти, нови контакти. Можности за лесно инфраструктурно поврзување меѓу градовите, селата и населените места на цела територија на Македонија и поврзување со земјите од регионот и Европа, е стратешки и врвен приоритет на Владата, рече Заев.
Тој рече дека се работи на тоа да се обезбедат вистински услови за сите граѓани да имаат сигурен, безбеден и брз транспорт.
– Ние нашите превземени обврски од овој проект ќе ги реализираме. Ќе ги отстраниме слабостите коишто досега ги имаше и ќе продолжиме понатаму, рече Заев.
Како што укажа, според стандардите на Европската Унија, дури 39 отсто од патните решенија во Македонија досега беа крајно небезбедни.
– Еден од тие правци беше и овој. Со завршување на градбата на овој пат ќе замине во сеќавањата и оваа статистика, наведе Заев.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески нагласи дека изградбата на патот е значајна за сите жители од Градско, Росоман, Кавадарци, Прилеп, но и за сите други кои гравитираат во овој регион.
– Експресниот пат ќе се гради по сите безбедносни и технички стандарди што дава сигурност дека безбедноста за сообраќај ќе биде на највисоко ниво. Ова го потенцирам бидејќи сите знаеме во какви услови се вози во овој патен правец, укажа Сугарески.
Согласно договорот, експресниот пат треба да биде завршен во 2020 година.
Сугарески истакна дека се вложува многу труд и време за изградба на оваа патна делница која е главната врска што го поврзува вардарскиот со пелагонискиот регион. Во таа насока е во тек изградба и на делницата од Дреново до Фариш, проект каде што, како што рече Сугарески, наследиле сериозни проблеми, но со многу посветеност се надминуваат, што може да се забележи и на терен каде значително е зголемен интензитетот на работа.
За последната делница, проширување на патот од Прилеп до мост на Лениншка река и изградба на трета лента од село Беловодица до Каменлом Маврово во должина од околу 7,5 километри оваа година ќе се објави јавен повик за изведувач. Средствата и за оваа делница се веќе обезбедени од ЕУ што значи дека е заокружена целата финансиска конструкција за изградба на експресниот пат, во вкупна вредност од 60 милиони евра.
– Сметаме дека граѓаните заслужуваат да возат по модерен и безбеден пат кој значително ќе ја олесни комуникацијата и ќе го забрза транспортот на стоки и услуги, нагласи министерот, дополнувајќи дека бенефит од патот директно ќе имаат околу 250 илјади граѓани во овој дел од Македонија.
Како што најави, следниот месец ќе биде објави јавен повик за проектирање за изградба на експресен пат од Прилеп до Битола. Потоа ќе се гради нов експресен пат од Битола до граничниот премин Меџитлија.
Како што потенцира амбасадорот на Европската Унија во Македонија Самуел Жбогар патот е дел од кракот Д на коридорот 10, делница која оди од Велес кон Игуменица, преку Прилеп, Битола, Лерин, познат и како Виа Игнација. – Коридорот 10 е најважната меѓународна рута која поминува низ земјата. Тој го поврзува регионот со останатиот дел на Европа. Ги поврзува сегашните и идните земји членки, рече Жбогар.
Проектот Градско-Дреново е финансиран во рамки на ИПА 2, преку грант во висина од 26.5 милиони евра, а неговото завршување се очекува во средина на 2020.
Според најавата на Владата, годинава ќе се инвестираат околу 270 милиони евра во изградба, реконструкција и рехабилитација на преку 60 патни правци.
Покрај Градско-Дреново, според најавата од Сугарески, многу скоро започнува изградба и на експресните патишта Ранковци-Крива Паланка и Штип-Радовиш, вкупна инвестиција од околу 100 милини евра. Со средства од ЈП за државни патишта ќе се реконструираат преку 30 патни правци. Со средства од меѓународни финансиски институции ќе се реконструираат односно во фаза на реконструкција се околу 40 патни правци.