ВИДЕО: Објавен јавен повик за изградба на ХЕ Чебрен по пат на јавно-приватно партнерство

Од:

Владата денеска објави меѓународен јавен повик за изградба на хидроелектраната (ХЕ) „Чебрен“ на Црна Река по пат на јавно-приватно партнерство (ЈПП). Јавен партнер во име на државата ќе биде АД ЕСМ, кое како влог ќе понуди изградба на пристапниот пат до електраната, приклучокот на мрежата, односно трафостаницата, како и хидроелектраната „Тиквеш“, а приватниот партнер ќе треба да ги обезбеди предвидените најмалку 570 милиони евра за изградба на електраната.

Предвидено е хидроелектраната „Чебрен“ да има инсталирана моќ од 333 мегавати и да има годишно производство од 1.000 гигават часови електрична енергија, односно една четвртина од постојното годишно производство на АД ЕСМ. Јавниот повик ќе биде отворен до 3 април, а дури седум реномирани странски компании пројавиле првичен интерес за да ја подигнат претквалификациската документација која во оваа фаза е бесплатна.

За најдобар понудувач ќе биде избран оној кој на АД ЕСМ ќе му понуди што поголем удел во заедничката компанија. Тој ќе ја добие концесија од 60 години за да управува со новоизградената електрана.

– Владата го трасира патот на енергетската транзиција со изградба на капацитети со доминантно производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија. ХЕ Чебрен ќе биде од огромно значење за балансирање на енергетскиот систем на земјава и со своите услуги ќе биде значаен партнер во секундарната и терцијалната регулација и на регулираниот пазар, рече премиерот Оливер Спасовски на денешната прес-конференција во Владата.

Тој посочи дека лани Владата во соработка со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) настојуваше проектот на изградба на ХЕ „Чебрен“ повторно да се стави на мапата за значајни можности за инвестиции во енергетската инфраструктура за нашата земја и беше изработена студија која овој проект го прави попрофитабилен од порано.

– Беа направена анкети за заинтересираноста на компаниите за реализација на овој проект и се утврди нагласен интерес кај енергетските компании во Европа и пошироко, потенцира Спасовски.

Тој потсети на веќе објавените огласи за изградба на ОИЕ, особено на фотоволтаичните електрани, на изработената Стратегијата за развој на енергетиката, новиот Закон за енергетска ефикасност, договорот за изградба на интерконективниот далекувод со Албанија, објавувањето на огласот за изградба на дистрибутивната мрежа на гас,…

– Претходно енергетските компании инвестираа во жичари, фасади, рајски паркови, а цената на електричната енергија ја зголемија за речиси 100 проценти. Сега ЕСМ и МЕПСО инвестираат во енергетски проекти и обезбедуваат подобра и сигурна енергетска иднина, посочи Спасовски.

Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски оцени дека со објавувањето на јавниот повик се прави сериозен и издржан чекор во правец на реализација на ХЕ „Чебрен“ за кој, како што рече, е сигурен дека може да се спроведе и дека државата има политичка волја, но и стручна подготвеност тоа да го спроведе.

– „Чебрен“ ќе ни овозможи во иднина да го намалуваме производството од јаглен и базната енергија постепено да ја супституираме со производство од оваа голема хидроцентрала. Кога ќе почне да работи ефектот ќе биде 913 илјади тони годишно помалку јаглерод диоксид испуштен во атмосферата, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека новата економска анализа со новите услови на пазарот што ја изработи ИФЦ покажала дека проектот е исплатлив, а испитувањето на пазарот потврдило дека сериозни компании од регионот и од Европа се заинтересирани за изградба на ХЕ „Чебрен“.

– Оптимисти сме дека после бројните неуспешни обиди во последните 15 години оваа хидроелектрана конечно ќе се изгради. Очекуваме голем интерес и до крајот на годинава да се избере најдобриот понудувач за реализација на овој голем инфраструктурен енергетски проект, потенцира Ковачевски.

Неговиот оптимизам, како што посочи во одговор на прашање, се должи на сериозните испитувања, консултации и анализи направени во изминатите две години од страна на домашни и странски експерти и меѓународни институции меѓу кои и ИФЦ.

– Со препораките на ИФЦ за начинот како да се спроведе оваа постапка го објавивме повикот по принципот на јавно-приватно партнерство. Со серизона подготовка на овој и на кој било друг проект ќе има успешност во постапката. Самиот интерес на неколку големи странски компании од областа на енергетиката во изминатите неколку денови, да ја подигнат документација, покажува дека има голема веројатност за негова успешност, рече Ковачевски.

Би можело да ве интересира

Ќе се гради хидроцентралата Чебрен за една милијарда евра: Владата донесе одлука која се чекаше 30 години

A1on

(ВИДЕО) Ковачевски: Ревитализација на големите хидроелектрани за долгорочна стабилност на енергетскиот систем

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Ковачевски: Со браната „Конско“ обезбедуваме одржливо земјоделство за зголемено домашно производство на храна

Ана Ололовска

Тендерската постапка за ХЕЦ Чебрен влегува во втора фаза

А1он

На малите хидроелектрани им биле уплатени 41 милион евра повеќе поради повластени тарифи

Ана Ололовска

Реакција на екологистите: Ако ги игнорираме малите хидроелектрани тие нема да исчезнат

Катерина Ѓуровски