Пратеничката Катерина Кузмановска денеска изјави дека македонско-грчкиот договор е историска можност и влог во нашата иднина.
– Договорот го гарантира правото да се определуваме како Македонци. Нема веќе оспорувања. Македонски јазик, македонски народ, Македонци, со еден збор македонски идентитет признаен еднаш засекогаш од цел свет. Време е за одлука, од сите нас зависи кој пат ќе го избереме, рече пратеничката од СДСМ Катерина Кузмановска на денешната прес-конференција во струмичкото село Дабиле.
Таа повика на обединување и на референдумот на 30 септември заедно да се донесе одлука за да оди Македонија напред во во ЕУ и НАТО.
– Членството во Европската унија носи огромни придобивки, особено за струмичкиот крај, познат по земјоделието. Со членството во ЕУ значително ќе се зголемат фондовите за македонските земјоделци што ќе значи повеќе европски пари за субвенции, за механизација, за повисок приход, подобар пласман со подобри цени, изјави Кузмановска.
Со влегување во ЕУ, додаде таа Македонија влегува во пазар од 500 милиони потрошувачи што е многу важно затоа што тоа ќе го олесни и ќе го зголеми извозот на нашите производи.
– Олеснетиот извоз ќе значи подобар пласман на македонските земјоделски производи во странство. Со зголемување на извозот ќе има повисока откупна цена на нашите земјоделски производи. Земјоделците кои што макотрпно и вредно работата знаат што значи тоа. Секој земјоделец ќе има поголем приход по влезот на Македонија во Европската унија, рече пратеничката Кузмановска.
Според неа, примерот со соседна Бугарија го потврдува тоа. Со влезот во ЕУ, вели Кузмановска, приходот за секој земјоделец во Бугарија се зголемил за 49 отсто во период од 2007 до 2012 година.