(ВИДЕО) Ковачевски: Отворен Балкан е нашата заедничка шанса за подобра иднина и животен стандард за нашите држави и нашите граѓани

Од:

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска се обрати на официјалното отворање на Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан“ во Белград. Саемот се одржува со покровителство на Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија од 1 до 4 септември.

„Тука денес, ги поврзуваме нашите економии, отвораме нови пазари за нив, нови пласмани, обезбедуваме простор за размена на нови идеи, технологии, пристапи во работата. Отворен Балкан денес покажува што значи интеграција, олеснет пристап, практична примена на политика на отворени врати и на добрососедство.

Овој Саем е можност да поставиме нова динамика во регионалните односи и да обезбедиме економски просперитет за нашите граѓани и компании.

За прв пат на еден Меѓународен саем за храна, вино и туризам, со поддршка на својата држава, од Северна Македонија присуствуваат претставници на 42 винарии и 3 дестилерии кои ќе се претстават со повеќе од 300 различни вина и ракии, а ќе присуствуваат и над 10 производители на храна.

Дали е можно ваков Саем да се направи само во Северна Македонија или само во Албанија или само во Србија. Не е можно. Затоа што олкав број на излагачи е можно само ако го направиме заедно.

Денес, сите тие, имаат рамноправна шанса да ги прикажат своите производи на Саемот пред стотици илјади присутни и да остварат пласмани, пазари и контакти со присутните компании“, рече Ковачевски.

„За сите присутни компании овој Саем во рамки на Отворениот Балкан значи отворени шанси за деловни контакти на меѓународно ниво, отворени можности за нови пласмани но и можности за нови приливи на средства, преку развој или проширување на производството и нови инвестиции. И значајно, овој Саем прв пат од ваков вид, којшто верувам дека ќе прерасне во традиција, значи нови можности кон обезбедување на егзистенцијата – своја или на компаниите и вработените.

На овој Саем, ние ги вкрстивме винските патишта на Балканот, со тоа што на едно место се пресретнуваат производители и откупувачите и дестилатите од регионот. Секој вид регионалното здружување е корисно, бидејќи ја зголемува конкурентноста пред светскиот пазар.

Македонското вино е со светски познат квалитет. Северна Македонија, според последните рангирања, е втор најголем извозник на вино во регионот, а 29-ти најголем извозник на вино во светот.

Веќе трета година по ред, извозот на вино од нашата држава е во пораст – и во количина и во вредност и по структура бидејќи се намалува извозот на наливно вино а се зголемува извозот на флаширано вино“, додаде македонскиот премиер.

Би можело да ве интересира

Османи: На седница на Владата ќе предложам излегување од иницијативата Отворен Балкан

Со еден клик до работни места во Србија и Албанија: Нова можност за македонските граѓани

Орце Костов

Почнува единствениот пазар на труд на Отворен Балкан

Горан Наумовски

Потпишани Протоколите за Слободен пристап до пазарот на труд во земјите од Отворен Балкан

БЕСА бара Владата да се огради од проектот „Отворен Балкан“

На иницијатива на Ковачевски Скопје, Белград и Тирана на еден ден ќе ги отворат меѓусебните граници

Ана Ололовска