На 24 април, во петок, ќе се одржи голем протестен марш против неуставните закони за хонорарците со кои се прекршуваат неколку уставни права и принципи и со кои се врши грабеж врз голем број на граѓани. Платформата за граѓанска политика „АЈДЕ!” повикува на масовност на маршот кој ќе започне во 12 часот пред Министерството за финансии, а ќе заврши пред Уставниот суд.
Таму ќе биде поднесена претставка од 7000 граѓани за утврдување на неуставноста на законите со кои се регулира плаќањето придонеси за хонорарците.
– Сите граѓани кои го дадоа својот потпис во акцијата што ја спроведовме во 15 градови ќе се јават како подносители на иницијативата, вели Наде Наумовска од „АЈДЕ!“
Бројката од 7.000 граѓани кои се приклучија на оваа иницијатива покажува дека и покрај измените на законите , незадоволството е се уште многу големо.
– Граѓаните точно знаеја на што се повикуваме и што спориме со овие закони. Немавме агресивна кампања како што прават некои други организации, а сепак се вклучија голем број луѓе, тоа зборува за големото незадоволство кај граѓаните. И „АЈДЕ!“ и други невладини организации и еснафски здруженија завршија многу голема работа со тоа што повеќе од девет месеци ги информираа граѓаните за тоа кои се проблематичните точки во овие закони и разбирливо е дека револтот трае затоа што и самите здруженија се константни во напорите да се спротивстават на ваквите лоши законски решенија, вели Наумовска.
Не е мал и бројот на граѓани кои самоиницијативно се решаваат на акт на граѓанска непослушност и одбиваат да ги пријават свите хонорари во ПИОМ и во другите инстиуции.
– Разбирам што се покажува таква граѓанска непослушност, затоа што револтот е многу голем кога од граѓанинот се бара да се плаќа придонеси, а за возврат да не добива ништо, тоа е една од формите што им стои на располагање на граѓаните, вели Наумовска.
Според неа, најголем проблем претставува здравственото осигурување затоа што Фондот за здравствено осигурување отворено одговара дека ако на договорот му завршило важењето, а хонорарот сте го добиле отпосле, тогаш ретроактвно не може да се оствари правото на здравствено осигурување.
-Проблемите со пензиското осигурување допрва ќе излезат на површина, додава Наумовска.
Зошто законите за хонорарците се неуставни?
– хонорарците ќе плаќаат придонеси, а нема да имаат право на плата, на пауза, на годишен одмор, на синдикално здружување, на породилно/родителско отсуство итн;
– хонорарците се заглавени во бирократските лавиринти кои ни администрацијата не знае како да ги спроведе, зашто законите се непрецизни, двосмислени и нејасни;
– нејасно е за кој период хонорарците ќе бидат здравствено и пензиско осигурани;
– невработените хонорарци ќе бидат избришани од регистрите на Агенцијата за вработување;
– хонорарците имаат обврска да доставуваат пријави за примен хонорар, наместо државните институции сами да водат евиденција.
Со пакетот неуставни закони се прекршуваат следниве уставни права и принципи: владеењето на правото; правото на еднаквост; правото на работа, и забраната за повратно дејство на законите.
А.Б.