Велика Британија го потпиша својот прв трговски договор со Јапонија откако ја напушти ЕУ, британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека Брегзит и дава на државата слобода да склучува трговски зделки со други земји во светот.
Во Лондон, овој значаен договор беше оценет за „историски“ бидејќи Британија по излезот од унијата се соочи со проблеми околу пронаоѓање на нови трговски партнери во светот.
Британските власти пренесоа дека со овој договор околу 99 отсто од нивниот извоз во Јапонија ќе нема да подлежи на дополнителни царини, а со тоа ќе се зајакне трговијата меѓу земјите за околу 15 милијарди фунти.
Според тамошните економисти, трговскиот договор меѓу В.Британија и Јапонија е далеку подобар од оној меѓу ЕУ и Јапонија доколку се спореди бенефитот кој фирмите за финансискa технологиja ќе го имаат, но не само во таа област, туку и во прехранбената индустрија ќе се почувствува голема разлика, сметаат експертите.
Пристапувањето на Велика Британија до пазарот на Транс-пацифистичкото партнерство (CPTPP) во Азија е голем поен за државата во услови на пандемија, оценуваат британските економисти.
Бенефит од трговскиот договор ќе има и Јапонија, јапонските инвеститори во Британија како што се Нисан и Хитачи ќе ја почувствуваат разликата во нивното работење поради намалените тарифи за делови кои се увезуваат од Јапонија, велат од британското министерство за трговија.
Јапонија ја постигна оваа економска спогодба со Велика Британија непосредно пред промената на Владата во Токио бидејќи новиот кабинет можеше да влијае негативно врз преговорите, но и врз иднината на договорот.
Јапонската владејачка партија следниот понеделник треба да избере нов лидер кој ќе го наследи премиерот Шинзо Абе, кој се повлекува од функцијата поради здравствени причини.
Политичките промени може да вклучуваат замена на јапонскиот министер за надворешни работи, Тошимитсу Мотеги, кој ги водеше трговските преговори.
Мотеги изјави дека примарната цел на билатералните преговори е договорот со Велика Британија да стапи на сила во јануари, откако ќе биде доставен за ратификација до јапонскиот Парламент.